Сурово, ама доволно: Пјонтек со еден „млитав“ шут ја порази Македонија

Фудбалската репрезентација на Македонија го забележа првиот пораз во квалификациите за ЕП 2020. На „Тодор Проески арена“, пред околу 25.000 гледачи, фаворитот во групата, селекцијата на Полска, успеа да слави со 0-1, со голот на Кжиштоф Пјонтек во 47.минута.

Тој влезе на стартот на второто полувреме, беше најснаодлив по корнерот од десната страна, и со малку среќа, по слабата реакција на нашата одбрана и голманот Димитриевски, со „млитав“ шут го постигна победничкиот погодок.

Тоа беше и единствениот директен шут на полските фудбалери кон голот на Македонија во текот на целиот натпревар. Но, и доволно за победа, трета во квалификациите по три одиграни меча. Македонија останува на еден триумф и едно реми, надоврзувајќи го првиот пораз.

Елиф Елмас прв испрати проектил кон голот на Полска. Во петтата минута, се одлучи на удар од 20 метри, Лукаш Фабијански ја одби топката, а гостинската одбрана исфрли во корнер. По него, Несторовски со глава шутираше над гредата.

Полска воспостави рамнотежа, Левандовски се обиде во 14.минута да изнуди фаул на работ на шеснаесетникот, но Џанлука Роки ја ’прочита’ неговата намера и само одмавна со раката.

Капитенот Горан Пандев доби топка во шеснаесетникот во 29.минута, се обиде да шутира, но беше блокиран. Две минути подоцна, Енис Барди се закани со шут од 30 метри, но заврши крај голот на Фабијански.

Во 33.минута, Камил Гросицки се обиде од 25 метри, но беше многу непрецизен. Возврати и Стефан Ристовски на спротивната страна, но со идентичен ефект.

На полувремето, селекторот на Полска, Јержи Бржечек направи вистински потег, го внесе во игра Кжиштоф Пјонтек, напаѓачот на Милан, а тој по само две минути донесе водство за својата селекција. По корнерот од десната страна, Пјонтек зафати ножички, не беше тоа силен удар, но топката го изненади Столе Димитриевски, не успеа да ја зафати ниту Глик, и се истркала во мрежата на Македонија.

Полјаците се разиграа, а две шанси имаше Камил Гросицки. Првиот пат беше за малку непрецизен по центаршутот од десната страна, само минута подоцна и блокиран од Муслиу во изгледна позиција.

Ангеловски го внесе во игра Александар Трајковски на местото на Николов и тргна уште поофанзивно.

Во 75.минута, најголемата шанса за Македонија. Несторовски доби топка по десната страна, шутираше во спротивниот агол, но Фабијански фантастично одбрани, а одбиената топка не ја зафати доволно добро Алиоски.

Во финишот, нашиот национален тим остана и со играч помалку. Висар Муслиу во 85.минута заработи втор жолт картон и беше исклучен.

Трајковски се закани во 90.минута со удар од 14 метри, но Фабијански не дозволи да се тресе неговата мрежа. Полска со триумф си заминува од Скопје. Следниот предизвик за македонскиот национален тим е мечот против Австрија в понеделник, исто така на „Тодор Проески арена“.

КВАЛИФИКАЦИИ ЗА ЕП 2020

МАКЕДОНИЈА – ПОЛСКА 0-1 (0-0)

Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 25.000. Судија Џанлука Роки (Италија). Стрелци: Пјонтек 47’ (Полска). Ж. картони: Муслиу, Барди (Македонија), Беднарек (Полска). Црвен картон: Муслиу (Македонија).

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски (75’ Адеми), Бејтулаи, Велковски, Муслиу, Алиоски, Барди, Николов (62’ Трајковски), Елмас, Пандев (84’ Хасани), Несторовски.

ПОЛСКА: Фабијански, Кедзиора, Беднарек, Глик, Бережински, Клих (90’ Горалски), Криховјак, Франковски (46’ Пјонтек), Гросицки (69’ Рибус), Зјелински, Левандовски.

Се вчитува...