Комисијата за натпревари на ФФМ на денешната седница донесе одлука со која теренот на ФК Башкими 1947 Куманово се суспендира за одигрување првенствени и куп натпревари кога како домаќин е екипата на Башкими 1947 Куманово.
Сето тоа е по немилите случувања изминатиов викенд на дуелот од Втората лига кога навивачи на Башкими влегоа на терен, напаѓајќи ги гостинските фудбалери на Каменица Саса.
„Неприфатлив однос на домашната публика кон нашите фудбалери на вчерашниот меч во Куманово. Дали насилството се враќа на фудбалските терени? На кој му одговара ваков толерантен однос кон хулиганите и насилниците? Треба ли секој натпревар наместо надигрување, да биде закана за безбедноста по здравјето и животот на фудбалерите? Што треба да се случи на фудбалските терени за конкретна реакција на надлежните? Само ФК Каменица Саса е жртва на два идентични напади со насилство во оваа и минатата сезона. Станува збор за немили настани и случаи кој ги преживуваат многу од екипите при гостувањата кај клубови со реално слаба организација на натпреварите. Безбедноста на фудбалерите и службените лица на натпреварите треба да биде императив во работењето на сите, вклучително и на Фудбалската федерација на Македонија“ – реагираа претходно и од Каменица Саса.
Дополнително сега ќе следи и дисциплинска постапка за ФК Башкими по што ќе се знае казната за клубот по несаканиот инцидент.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА