Само два од закажаните четири натпревари од Првата македонска лига во кошарка ќе се играат викендов, откако клубовите кои беа суспендирани од страна на МКФ не ги платија средствата што ги должат кон куќата на кошарката. Куманово, Струмица и Кожув до последниот рок денеска не извршија исплата на сметката на Македонската Кошаркарска Федерација, поради што нивните суспензии остануваат на сили, а натпреварите кои требаше да ги играат викендов нема да бидат одиграни.
Куманово требаше да го пречека Охрид, меч што ќе биде регистриран со службена гостинска победа, а кумановци згора на тоа ќе останат и без бодот што вообичаено следи за поразените екипи.
Интересно е што Струмица и Кожув викендов треба да играат еден против друг, овој меч нема да се одигра, ќе нема ниту службен победниик, а двата суспендирани клубови нема да освојат ниту бод за пораз.
„Сметаме дека покажавме и повеќе од доволно трпение во целата ситуација. Сакаме да се знае дека долгот не е само за лиценците за странци, за некои екипи датира и по неколку години, уште пред нашето доаѓање како раководство. Разговаравме и преговаравме, некоолку пати ги репрограмиравме долговите, се со цел да најдеме заеднички јазик, но сметаме дека ова веќе е злоупотреба на нашата доверба, воедно и непочитување кон сите оние клубови кои чесно ги подмирија своите обврски во пропишаните рокови“ – изјави Моника Гаврилоска, Генерален секретар при МКФ.
Покрај овие три клуба, на листата на суспендирани се наоѓа и Карпош соколи, но овој клуб ќе продолжи да се натпреварува во АБА и во БИБЛ како независни проекти. Со тоа, „соколите“ добиваат дополнителен рок за подмирување на обврските, до завршниот турнир од Купот на Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА