Свечено отворен силниот таеквондо Г1 Опен турнир – Светската елита во Скопје (ФОТОГАЛЕРИЈА)

Денеска во спортската сала „Борис Трајковски“ свечено отворен силниот меѓународниот таеквондо турнир „Скопје Опен – Рамус Г1“, турнир кој носи и олимписки норми.

Турнирот го отвори претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицковски, заедно и со градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓоргиевски, во присуство на високи гости и претставници од спортскиот и јавниот живот, меѓу кои македонскиот златен олимпиец Шабан Трстена.

На турнирот ќе настапат околу 1000 натпреварувачи од повеќе од 40 земји, вклучувајќи ја и светската таеквондо елита, која ќе донесе врвен квалитет, атрактивни борби и вистинска демонстрација на врвниот олимписки спорт.

Турнирот е во организација на Таеквондо клуб Бутел и Македонската таеквондо федерација. Станува збор за турнир од олимписка класа (Г1), кој носи значајни бодови за пласман на Олимписките игри и претставува дел од официјалниот календар на Светската таеквондо федерација. Ова е воедно и најголемиот меѓународен таеквондо турнир организиран во нашата држава во последните 10 години, како и единствениот турнир во Македонија што носи бодови за олимписка норма, што му дава исклучително спортско и стратешко значење.

 

 

Домашната публика ќе има можност во живо да го проследи настапот на Дејан Георгиевски, кој ќе биде еден од главните адути на Македонија на овој престижен турнир, како и настапите на останатите македонски натпреварувачи со сериозен олимписки потенцијал.

„Организацијата на овој турнир е уште една потврда дека македонското таеквондо не само што со години е лидер по резултати на меѓународната сцена, туку го потврдува својот примат и во организациска смисла, поставувајќи нови стандарди за спортски настани во земјата“ – порачаа од Македонската таеквондо федерација.

Се вчитува...