Светислав Пешиќ пред клупски потпис – се враќа на местото на успехот

Светислав Пешиќ го продолжи договорот како селектор на Србија, а искусниот стратег е на добар пат наскоро да потпише и за нов клупски ангажман, и тоа како предводник на каталонскиот гигант Барселона.

Жоан Лапорта е во хаос поради „случајот Олмо“ во фудбалскиот колектив, но првиот човек на Барса будно ја следи ситуацијата и во кошаркарскиот колектив, кој се наоѓа во огромна криза. Последниот пораз од Хувентуд значеше и пад на деветтото место на табелата, по што големи се шансите Барса воопшто да не се пласира на завршниот турнир од Копа дел реј (има место само за Топ 8) по долго, долго време.

Пењароја воопшто не ги оправда очекувањата и се наоѓа пред отказ, а информациите од Шпанија говорат дека фаворит за негов наследник е токму Пешиќ. Искусниот српски стручњак веќе имал разговори со првиот човек на Барса, состанокот траел неколку часа и големи се шансите до крајот на оваа седмица тој и официјално да замине за Барселона на потпис со каталонците.

Светислав Пешиќ досега два пати седеше на клупата на Барселона, од 2002 до 2004 и потоа од 2018 до 2020 година, а најголем успех му е освојувањето на титулатаа во Евролигата, нешто што му појде од рака во 2003 година.

Се вчитува...