Македонската кадетска репрезентација со уште едно импресивно издание на ракометното СП во Хрватска попладнево ја преслуша селекцијата на Австрија со 29-22, обезбедувајќи си го третото место во главната мундијалска фаза. За жал, поразите од Норвешка и од Данска придонесоа Македонија да остане без четвртфинале, но прикажаните игри на овој шампионат, пред се со беспрекорна игра во одбрана, обезбедија место меѓу најдобрите 12 репрезентации во светот во кадетска конкуренција и покажаа дека ракометната иднина е светла и доаѓаат генерации кои можат да играат квалитетно на највисоко ниво.
Мечот почна со ефикасна игра на двете страни, Калајџиоски го постигна првиот гол за Македонија, по што следеа три погодоци во низа на Белистојановски. По десет минути игра резултатот на семафорот беше израмнет (5-5), но како што одминуваше времето, така нашата одбрана ја добиваше неопходната цврстина. Toa помогна да се стигне до предност од 7-5, со што нервозата во нападите на противникот стана уште поголема. Австрискиот селектор се реши и за „седум на шест“, но и со таква тактика не само што не можеше да постигне гол, туку тешко се создаваше ситуација за шут против нашата цврста дефанзивна зона. Во финишот од полувремето во ритам влезе и голманот Брестовац (до 23. минута имавме само една голманска интервенција, до крајот на полувремето шест), профункционира и нападот, па на одмор се замина со одлична предност од 14-8.
Цврстата одбрана остана наш заштитен знак и на стартот од второто полувреме, откако во првите пет минути примивме само еден гол и поведовме со 16-9. При ова водство Македонија не реализираше зицер од контрапанад, по што Австрија успеа да намали на 16-11. Дојде до пад во интензитетот во одбрана на нашиот состав, Австрија намали на 19-15, што беше сигнал за селекторот Стојановиќ да побара тајмаут. Советите вродија со плод, Македонија ја консолидираше играта и набрзина поведе со 22-16.
Калајџиески со својот шести гол зголеми на 23-16 на десет минути до крајот, по што завршницата мина во ефикасна игра на двете страни, за на крајот Македонија заслужено да слави со конечни 29-22.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА