Светот бележи една година од смртта на легендарниот Марадона, фудбалскиот гениј со статус на божество

Помина точно една година од смртта на Диего Армандо Марадона. Еден од најдобрите фудбалери на сите времиња почина на 25 ноември 2020 година на свои 60 години. Сепак, и по 12 месеци продолжува полемиката дали славниот Аргентинец бил третиран на вистински начин, а на обвинителна клупа седнаа лекарите, кои се грижеа за неговото здравје.

Клубовите за кои настапуваше Бока Јуниорс, Наполи, Барселона, но и оние за кои никогаш не играл, денес се потсетуваат на легендарниот „Ел Пибе“.

 

Марадона со репрезентацијата на Аргентина го постигна најголемиот успех во 1986 година, кога практично во Мексико ја доведе својата селекција до титулата светски првак. Тој во клупската кариера има девет трофеи со Бока, Наполи и Барселона. Посебно се памети неговиот период во Неапол, каде ги освои титулите на италијански шампиони во 1987 и 1990 година. Наполитанците велат дека тој е „богот на фудбалот“, а стадионот во Сао Паоло денес го носи токму името на легендарниот фудбалер – „Диего Армандо Марадона“.

 

Армандо не успеа да „блесне“ како тренер, имајќи предвид дека најголем успех му е пласманот во четвртфиналето на Светското првенство во Јужна Африка во 2010 година со Аргентина. Во дуелот за пласман во полуфиналето тој и неговите фудбалери беа убедливо поразени од Германија со 4-0.

Диего Армандо Марадона за Аргентинците е повеќе од фудбалер. Тој за нив е божество, а светот го смета за еден од најголемите фудбалери на сите времиња, чиј талент се граничи со натприродното.

 

Се вчитува...