Светската шампионка се откажа од трката на 100 метри на ОИ во Париз

Трките на 100 метри секогаш важат за вистински спортски спектакл на Олимписките Игри, па затоа големо е изненадување што Шерика Џексон го откажа својот настап на овој спринт на неколку дена пред почетокот на возбудувањата во атлетика на ОИ во Париз.

Атлетичарката од Јамајка е актуелна светска шампионка во оваа дисциплина, важеше за една од главните фаворитки за медал во Париз, но денеска беше објавено дека таа нема да трча на 100 метри, туку ќе се фокусира само на трката на 200 метри на овие Олимписки Игри.

„Шерика се откажа од настап на 100 метри. Тоа е се што сакаме да кажеме на оваа тема“, изјави менаџерот на репрезентацијата на Јамајка, Лудлоу Вотс.

Неофицијално, причина за ваквата одлука е повредата што Џексон ја заработи пред три седмици на митингот во Унгарија, поради што ризикот од нова повреда во случај да се натпреварува во двете најбрзи дисциплини би бил преголем.

Местото на Џексон во репрезентацијата на Јамајка за трката на 100 метри ќе припадне на Шашали Форбс.

Се вчитува...