Светскиот тенис има нова „ѕвезда“ – По Надал, Алкараз го „урна“ и Новак Ѓоковиќ

Светскиот тенис има нова „ѕвезда“ откако младиот шпански тенисер, Карлос Алкараз по вчерашната победа над Рафаел Надал, денеска му го зема „скалпот“ и на првиот рекет во светот, Новак Ѓоковиќ на АТП мастерс 1000 турнирот во Мадрид.

Алкараз во маратонски натпревар кој траеше повеќе од три и пол часа славеше над Србинот со 2-1, по сетови (6-7, 7-5 и 7-6).

Неверојатен натпревар ни понудија двајцата тенисери, а од него можевме да научиме многу работи, но две и тоа како се важни. Првата е дека Алкараз е веќе опасност и дефинитивно во иднина ќе биде еден од најдобрите тенисери во светот, а втората е дека Новак Ѓоковиќ и тоа како е подготвен за напад на титулата во Ролан Гарос и дека се досега беше само подлога за турнирот во Париз.

Вториот полуфиналист ќе го даде дуелот меѓу Гркот, Стефанос Циципас и Германецот, Александер Зверев.

Се вчитува...