Интернационалната Традиционална Карате Федерација (ИТКФ) и Интернационалната Карате Унија (ИКУ) официјално постигнаа договор за организација на вториот обединет светски карате шампионат во традиционално и модерно карате. Настанот ќе се одржи од 22 до 25 октомври 2026 година во Копер, Словенија, во врвната спортска арена „Бонифика“.
Овој шампионат претставува продолжение на историската традиција започната во 2015 година, кога во истата арена „Бонифика“ во Копер беше одржан првиот обединет светски карате шампионат, настан кој остави силен глобален впечаток и отвори нова ера на спортско обединување.
Договорот беше постигнат на денешниот состанок одржан во Шчечин, Полска, помеѓу д-р Рикардо Моско, генерален секретар на ИКУ, и д-р Дејан Недев, претседател на ИТКФ. Овој нов силен заеднички чекор повторно го потврдува единството, визијата и развојниот потенцијал на светското карате движење.
Натпреварите ќе се одржат според официјалните правила на ИТКФ и ИКУ, а се очекува учество на најдобрите карате репрезентации и светски шампиони од сите континенти. Се прогнозира извонреден спортски спектакл и рекордна меѓународна присутност.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

