Во Париз им беше врачен отказ на Унаи Емери и Томас Тухел заради слабите резултати, а оваа сезона и двајцата ја освоија Европа.
Тухел синоќа ја освои Лигата на шампионите со Челси, откако неговиот тим во финалето во Порто го победи Манчестер Сити со 1-0. Прв трофеј во Лигата на шампионите за Тухел, втор за Челси. ПСЖ, кој не веруваше доволно во Германецот, никогаш не ја освои Лигата на шампионите, исто како Манчестер Сити, и покрај големите инвестиции на богатите сопственици од сезона во сезона.
Тухел беше отпуштен од ПСЖ на крајот на минатата година, откако јавно ја критикуваше управата на клубот.
„За овие шест месеци искрено се прашував: дали сум тренер или спортски политичар, министер за спорт? Каде е мојата улога како тренер во ваков клуб? Понекогаш работата е предизвик бидејќи ПСЖ е под влијание на многу работи што не се во интерес на тимот. Овој клуб не е секогаш поврзан со фудбалот“, рече Тухел пред да добие отказ.
Тоа беше уште една грешка на нетрпеливите владетели на тимот од Париз. Претходно тие го отпуштија и Унаи Емери, кој оваа сезона ја освои Лига Европа.
Вилјареал на Емри го победи Манчестер Јунајтед во финалето во Гдањск, Полска. Емери слета во Париз во 2016 година, освојувајќи го Купот само во првата сезона, а шампионатот му го препушти на Монако. За две сезони, тој не успеа да го помине осминафиналето од Лигата на шампионите.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА