Секторот за внатрешни работи при СВР-Велес денеска официјално информираше дека две официјални лица од ФК Гостивар се приведени поради обид за напад врз судии и службени полициски лица по вчерашниот натпревар од Првата македонска фудбалска лига против Тиквеш во Кавадарци.
Според информациите од МВР приведени биле помошниот тренер на Гостивар, Мурат Акјуз, кој поради напад на полицајци добил црвен картон, како и фотографот на Гостивар, Ш.Т.
„Синоќа во 17.10 часот, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги привеле А.М.(45), помошен тренер на ФК Гостивар и Ш.Т.(24), фотограф на ФК Гостивар, двајцата од Република Турција, со привремен престој во државата. По завршување на фудбалски натпревар помеѓу екипите ФК „Тиквеш“ од Кавадарци и ФК „Гостивар“ одигран на фудбалскиот стадион во Кавадарци, тие на излез од теренот се обиделе физички да ги нападнат судиите. Подоцна, околу 18.00 часот на улица „Дисанска“ во Кавадарци биле приведени и Б.Б.(23) и К.Ш.(30), двајцата од Република Турција, со привремен престој во државата, вработени во управата на ФК Гостивар, затоа што го нарушиле јавниот ред и мир со агресивно и недолично однесување кон полициските службеници, кои извршувале службени дејствија“ – информираат од СВР Велес.
Оттаму додаваат дека по документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА