Еден од најдобрите голфери на сите времиња, Тајгер Вудс, беше пуштен на домашно лекување по три недели поминати во болница. Вудс доживеа сообраќајна несреќа во февруари и претрпе сериозни повреди на ногата, а според медицинскиот извештај, Тајгер минува низ период на добра рехабилитација.
Вудс имаше неколку операции откако лекарите евидентираа повеќе скршеници на ногата, а по три недели болничко лекување, медицинскиот тим сега ќе ја следи неговата состојба дома.
„Среќен сум што објавувам дека се вратив дома и го продолжувам закрепнувањето. Многу сум благодарен за поддршката и охрабрувањето што ги добив изминатите неколку недели. Благодарение на неверојатните хирурзи, лекари, медицински сестри и персоналот на медицинскиот центар Харбор-УЦЛА и Медицинскиот центар Кедарс-Синај. Сите добро се грижевте за мене и не можам доволно да ви се заблагодарам“, напиша 45-годишниот голфер.
Вудс е член на ПГА турнејата од 1996 година, освојувајќи 15 големи турнири, оставајќи го само Џек Никлос пред него на вечната листа. Тој поседува бројни рекорди за голф и е најпрепознатливото лице во овој спорт.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

