ТАЈМАУТ: Кошарката свртe нов лист

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

По два неуспешни обиди за смена на Петар Наумоски, третиот се покажа како полн погодок. Спортот остана на спортистите, па пред Перо Антиќ сега е предизвикот – да направи многу повеќе за кошарката отколку што тоа го стори неговиот претходник. И колку и да е ова спорт, не можеше да мине без позадински политички игри, во ситуација кога повеќе од половина од делегатите во Собранието се или општински клубови или добиваат одредена помош од општините.

Лобираше кој стигне, а на крајот се сведе на тоа – Советникот за спорт на премиерот се покажа како поголема „фаца“ од директорот на Агенцијата за млади и спорт… Перо ќе беше фаворит секако, но вака остана единствен кандидат на „кошаркарската опозиција“,  па Наумоски свесен за надмоќта на противникот се преброи и реши воопшто да не се кандидира.

Дневен ред

Новиот претседател веднаш по изборот си даде петнаесетина дена како рок во кој ќе ги состави новите структури во федерацијата, неопходни за потоа преименуваната КФСМ (Кошаркарска Федерација на Северна Македонија) да тргне напред. Првата седница на Управниот Одбор сепак ќе се случи во текот на оваа седмица, за час поскоро да се почне со реформите во мак-баскетот. A дневниот ред ќе биде згуснат…

Интересни ќе бидат неколку одлуки, дали новиот претседател ќе му излезе во пресрет на Работнички за да го отвори „Градски парк“ до крајот на сезонава, што ќе се случи со младинските селектори во пресрет на летните европски шампионати, како ќе оди наплатата на долговите што неговиот претходник ги толерираше, ќе остане ли или ќе се модифицира правилото за домашни и странски играчи на терен за следната сезона…

И уште една многу важна работа – лигата следниот месец ќе заврши, по што ќе треба да се реши дали на Здружението на прволигаши ќе му биде дозволено да си ја врати под свое откако Наумоски му ги одзеде ингеренциите. Контролирање на лигата значи и главоболки од безброј незадоволни страни, но од друга страна и значителна финансиска инјекција за федерацијата.

Само да не се повтори историјата на претходното раководство, на самиот старт на УО да се дискутира за нивните плати, наместо за доброто на кошарката, за кое нели дојдоа на чело на федерацијата.

Крај на една ера – да не се повтори

Бидејќи Антиќ со седнувањето на претседателската фотелја стави крај на една ера во мак-баскетот, која нема да ја паметиме по речиси ништо добро.

Зад Петар Наумоски остануваат конфликтите со клубови, играчи, тренери, комесари… изборот на писателот Раца за селектор, носењето на турски судии за мајсторката од плеј-офот, настапот на комбиниран американско – српски состав во македонски дрес на турнирот во Кина и што уште не…

Како позитивно мора да се истакне ограничувањето на бројот на странци, за што преживеа и еден „пуч“, како и посериозниот пристап и проект во работата со помладите, кој вроди со плод со успехот на У16 репрезентацијата и влезот во А-дивизијата.

Кога се ќе се собере и одземе, премалку за еден мандат, четири години во кој беше жестоко напаѓан за овие работи и од самиот Антиќ, кој од примерот на Наумоски сигурно увиде многу работи како не треба да се води куќата на кошарката. Сега тој и неговите соработници треба да покажат како треба да се води КФСМ, за враќање на овој спорт онаму каде што припаѓа.

Се вчитува...