ТАЈМАУТ: Доста беше политика, ајде сега кошарка ако може

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Секое лето иста приказна во мак-баскетот, неаплицирање на првакот во ЛШ на ФИБА, па дискусија за број на странци, клубови неплаќачи, федерација „на линија“ со партиите за „случај Шкупи“… И на крајот на секоја сезона се надеваме дека следната ќе биде поинаку, ќе биде „нормално“, но за нас очигледно тоа е само мисловна именка.

Ако има една добра работа, тоа е истрајноста на Перо Антиќ и ова раководство кога станува збор за Шкупи. Дека притисок имало, и тоа голем, тоа е повеќе од јасно. Но, додека неговите претходници потклекнаа под истиот и ја отворија вратата за овој клуб пак да игра во елитата, Антиќ остана цврст на ставот… и издржа на истиот. Додуша, за конечна одлука му беше неопходен и „последен амин“ од Премиерот, но го доби и тоа, па лигата ќе го добие неопходното намалување од 12 на 10 клубови.  Време е претседателите на федерациите да престанат да бараат „амини“ од првиот човек на Владата, но тоа е сосема друга приказна и подлабок проблем, врзан со клубовите „општинари“ кои се закануваат со премиери и предвремени избори, не политички туку кошаркарски.

А за жал, клубовите ни останаа баш такви – „општинарски“, бидејќи веќе и не постои кошаркарски колектив во Првата лига штоне е „врзан“ со општината од која потекнува. Оние два кои беа „аут“ од овие игри, сега се и „аут“ од кошарката, откако луѓето што вложија милиони низ изминатите години за жал видоа „колку е саат“ и решија повеќе да не фрлаат пари во ветер. Едниот од нив самиот изгради и спортска сала, некои му ја омаловажуваа нарекувајќи ја „хангар“, најверојатно од љубомора што додека тие со „туѓи пари“ не можат да се одглават од долгови, некој со сопствен приватен капитал реши да инвестира инфраструктурно во спортот.

Дел од екипите и во оваа сезона ќе влезат со нерасчистени сметки и долгови кон федерацијата, тренд со чие продолжување само се потврдува какви луѓе раководат со кошаркарските екипи. Принципот на плаќање „не оваа среда, другиот петок“ никако да исчезне, а КФСМ не смее да покаже цврст став, бидејќи ако почне да исклучува, треба да избрка половина лига.

И така… стигнавме до почетокот на оваа сезона, во која шампионот МЗТ Скопје ќе влезе со две екипи, Работнички со тотално променет лик ќе води битка со „металците“, Фени индустри ќе стартува со ново име… Сезона без „докторот“ Докузовски на клупата, со млади стратези како Мираковски, Кочов, Самарџиев, Јончевски… во која се надеваме дека на сцената ќе блесне и млад кошаркар што ќе го привлече вниманието.

И конечно, доста беше политика, ајде сега малку кошарка ако може, со тренерско надмудрување и надигрување на терен наместо со „скриени игри“ што се решаваат на зелена маса. Со индивидуални и колективни достигнувања, а не препукувања преку соопштенија, за пари, сали и што уште не.

Се вчитува...