ТАЈМАУТ: Од импровизации блешти, бевме беда и очај во Плоешти

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

„Македонија ќе игра во главните квалификации за ЕП, но за таму – ќе треба добро да се замислиме“ – беше првиот коментар на селекторот Јорданчо Давитков по синоќешната бламажа во Плоешти што за малку ќе ја вратеше Македонија чекор назад во обидите да се вратиме на мапата на „сериозни кошаркарски селекции“. А како игравме – дефинитивно не личевме сериозно, без дефанзивен скок, со очаен напад, немотивиран странец, катастрофален ефект од клупата… И сигурно ќе треба добро да се замислиме.

Ако гледаме севкупно на циклусот, се е ОК досега, минавме две претквалификациски рунди и обезбедивме место во „главните квалификации“. НО, СЕГА ШТО ПРАВИМЕ?

Не дека живееме во илузија дека сме моќни како во 2011 година, но една работа е алармантна – и во ситуација кога сме со ограничен квалитет – за Македонија сепак не играат најдобрите во моментов. Оние поискусните во домашното првенство како да имаат доживотен стаж и никој не смее да ги тргне иако дремат на клупа во клубовите, а оние кои играат стандардно добро се игнорирани како никогаш досега. На плејмејкерската позиција сме „беда и очај“, а го имаме Димитријевиќ како „неподобен“. Навистина, мал дел од вината низ годините може да се побара и кај самиот кошаркар, но неопходно е час поскоро егото да се тргне на страна, да се седне на маса и членот на Хувентуд да се врати во националниот тим. Не дека неговиот ефект ќе направи од Македонија „дрим-тим“, но сигурно ќе придонесе да заличиме на посериозна репрезентација.

А за сериозна национална селекција треба и селектор со сериозен ангажман. Што ако кон крајот на годината Емирот од Кувајт пак реши да помести натпреварување – токму во ФИБА прозорец. Репрезентацијата ќе ја водат помошниците? Или некој ќе се теши дека играчите можат и самите, како што ќе им „нацрта“ од претходно отсутниот селектор. Дајте, доста со импровизации, репрезентација е ова, не панаѓур. И на неа и е потребен кормилар со максимален ангажман, па или нека се постигне договор со Давитков за стопроцентна посветеност (секако, со повисока плата од онаа што ја зема во моментов од МКФ), или нека се најде друг стратег што ќе следи буквално се од мак-баскетот, па ќе ги повикува и најдобрите од домашното првенство, дел од тренинзите во подготовките да бидат и помладите таленти, како мотив да продолжат да работат и напредуваат. Така треба да биде, а такво нешто што не е случај во моментов.

Ова во Плоешти беше последно предупредување – нешто мора да се менува, бидејќи влегуваме во фаза во која веќе нема место за импровизации.  „Врелиот костен“ е кај претседателот на МКФ, кој пак си има свој проблем – може да не ги дочека следните квалификации на чело на федерацијата.

И пак ќе прашам: Сега, што правиме?

ПС: И да не се залажуваме дека шанса на оваа наша репрезентација е ако војната на ФИБА и ЕКА продолжи, па евролигашките кошаркари ќе немаат право на настап и во главните квалификации. Затоа што Романија настапи со двајца странци (едниот од Белгија) и ни одржа лекција.

Се вчитува...