ТАЈМАУТ: Избори се ближат

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Петар Наумоски истера еден цел мандат на чело на Македонската Кошаркарска Федерација, преполн со чудни одлуки и критериуми „за едни мајка, за други маќеа“, четири години на огромни турбуленции во мак-баскетот. Тој дојде на чело на федерација со репрезентација на Евробаскет 2015, ја турна на самото дно на европската кошарка, па сега по два успешни претквалификациски циклуси сепак се наоѓаме – еден чекор поназад од моментите на неговото доаѓање на претседателската функција.

Четирите години (од 27 април 2015 година) донесоа и два неуспешни обиди за смена на Наумоски, кој знаеше како да изманеврира кога многумина го отпишаа, па ќе го доврши мандатот што го доби во април 2015 година. Почнатите војни со многумина, како од Наумоски, така и од неговиот „ментор“ Заре Маркоски, не само што се несериозни начини на функционирање во професионалниот спорт, туку и ставија сериозна дамка на тезата “Спортисти на чело на спортските федерации“, не само во кошарката, туку и во останатите спортови. Бидејќи ракометот е жив доказ дека квалитетен менаџер може многу повеќе да направи за добивање на масовност и финансиска стабилност од лице со богато спортско, но речиси никакво управувачко искуство.

Но сега мандатот завршува, а за Наумоски пак ќе важи она непишано спортско правило – потешко е да дојдеш на врвот отколку да се задржиш. Овојпат теренот не е спортски, а борбата е за фотеља, но познавајќи го неговиот карактер поранешниот репрезентативец е спремен за битка.

Мај ќе биде месецот кога таа ќе се води, на Собрание што се очекува да биде закажано во наредниот период, а на кој Наумоски нема да има еден, туку двајца противници. Првиот, неговиот лут ривал и македонска кошаркарска легенда, Перо Антиќ, од кого со право во неколку наврати беше жестоко критикуван за начинот на раководење со федерацијата. Вториот е Владимир Темелковски, директорот на МКФ кој покажа амбиции да ги покрене работите на подобро, но беше „заглавен“ во актуелната бирократија што владее со мак-баскетот.

Повеќе од јасно е, за да тргнат работите на подобро неопходно е да дојде до промени, но од друга страна кристално јасно е и дека Наумоски е способен за маневар во предизборната кампања. Впрочем, во негови раце беа омилените алатки за преговори, селекторски функции во младинските категории и одредување на тренери во Академијата – формула што му донесе успех во претходните две ситуации, но овојпат ривалите се многу посериозни, и уште поцврсто решени дека е дојдено време мак-кошарката да тргне во еден позитивен правец.

Избори се ближат, кого ли ќе „стрижат“…

Се вчитува...