Не, ова не е приказна од типот „Да укинеме кошарка, затвориме се, спуштиме „рампите“ за странци, засукаме ракави и работиме неколку години, па да видиме до каде ќе стигнеме“. Затоа што иднината можеби не е розова, но не е ниту до толку „црна“. Затоа што во младинските категории гледаме како нешто „мрда“, за разлика од пред неколку години кога немавме ниту „светло на крајот на тунелот“, сега имаме дете што игра во Барселона, друго што дава по 40+ поени во Италија, млади селекции кои влегуваат или се борат за влез во А-дивизијата…
На кошарката НЕ и е неопходен „карантин“ за да профункционира, но на А-репрезентацијата дефинитивно ДА. Не беше толку одамна кога актуелните челници Антиќ и Гечевски го носеа репрезентативниот дрес, на тренинзи доаѓаа „секој од дома“, по можност со иста боја на маици. Успех беше кога ќе се имаше соодветна опрема за тренинг, или клима во салата, но тоа беа други времиња. Сега во федерацијата ИМА ПАРИ, кој стигне во мак-спортот го фали ваучер-системот, а кога веќе парите не се проблем, ќе се свести ли некој дека во А-репрезентацијата нема ниту П од професионализам.
Стручно штабиште, од кое речиси половина остана во Скопје наместо да одлета за Русија, селектор кој потроши премногу труд на сите споредни работи околу националниот тим кога требаше примарно да се посвети на тактиката, претседател што крај аут-линија вика по судии, а на тренинзи мотивира со гумени бонбони, најдобар млад кошаркар што се жали на болест, но одбива да оди на доктор на ден на натпревар… и што уште не…
А голем дел од овие „детски болести“ се решаваат со една единствена одлука – репрезентацијата не треба, туку МОРА да оди во карантин, т.е. заедно да минува по 24 часа дневно во тие неколкудневни подготовки за квалифиакциските натпревари. Репрезентацијата во времето на Антиќ и Гечевски се подготвуваше и по триесетина дена, но сега подготовките пред ФИБА-прозорец официјално траат три дена. За толку – пари ќе се најдеа и пред десетина години, не пак сега…
А кога би биле сите заедно, како прво ризикот од вирус во националниот тим го сведуваш на минимум. Ако веќе дојде до таква несакана случка, на располагање на лице место имаш лекарски тим што експресно ќе почне со работа за подобрување на здравствената состојба на болните, но и нивна изолација од остатокот од кошаркарите.
Не само што го засилуваш тимскиот дух многу подобро отколку со банани и посети на психолози, туку и многу полесно ги адаптираш помладите во новата средина, во сето заедничко време има можност меѓу самите играчи да се дискутира за одредени финеси во играта.
Реков голем дел, затоа што со карантин не може да се реши проблемот на селекторот – кој мора да увиди дека ова е репрезентација, неколку скалила над било кој клуб клуб и во неа мора да има место само за најдобрите. Се коцкаше со Симоновски и му се удри од глава, против Естонија ги остави на клупата сите млади играчи (Николов, Маслинко, Јакимовски) со исклучок на Димитријевиќ и сепак загуби. Ова не е ничија „приватна дружина“, туку национален тим што треба да го претставува најдоброто што мак-кошарката има да го понуди во моментов. Тоа значи НИКОЈ НИКОГАШ НЕ МОЖЕ да игра во репрезентација ако нема клуб во моментот. Смешно e за ова да се дискутира, непишано правило во професионалниот спорт, но кај нас можеби треба да се вметне во Статутот, за на сите да им стане јасно дека репрезентацијата не е место за експерименти.
Ова не е бело знаме за капитулација, туку јасна порака дека нешто мора да се промени час поскоро, во начинот на работа и третманот на репрезентативците. Бидејќи тие самите и покрај двата порази гласно порачаа дека во оваа национална селекција вреди да се верува. Но, за да свртат „црвено-жолтите“ нов лист, ќе треба да свртат и оние кои ја водат куќата на кошарката, за да заличиме на селекција со европски шмек, наместо да летаме и да се фалиме со „банани“ за НБА-услови.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА