ТАЈМАУТ: Кошарката е спорт за уживање кога го гледате Војдан Стојановски

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Спуштена е завесата на уште една сезона во мак-баскетот, сосема очекувано, со титула на МЗТ Скопје со која аеродромци ја заокружија „десетката“, ја продолжија доминацијата на домашната сцена (десет титули во последните единаесет сезони) и уште повеќе го намалија заостанувањето зад Работнички на листата најтрофејни клубови во мак-кошарката. Аеродромци влегоа како фаворити во сезоната, со составен ростер за настап во АБА1, па потоа дополнитено „реновиран“ во јануари, со што ги оставија далеку зад себе претендентите за највисок пласман.

МЗТ делуваше импресивно во плјеофот, со седум победи од кои пет двоцифрени (една со девет, една со осум поени разлика), во ниту еден момент не дозволувајќи им на противниците да се понадеваат на изненадување, правејќи го овој плејоф еден од најнеинтересните во последната деценија, како потврда на доминацијата на аеродромци.

МВП-признанието за финалната серија сосема заслужено заврши во рацете на Војдан Стојановски, играчот кој реши пред крајот на кариерата да се врати во мак-баскетот и да ја демонстрира на дело својата класа, со која во последната деценија градеше успешна кариера во повеќе врвни европски лиги. Војдан даде огромен импулс во ланскиот влез од АБА2 во АБА1, а сезонава ја одигра на највисоко ниво, оставајќи ги целосно зад себе проблемите со тешката повреда на коленото.

Не станува збор само за оние 33 поени на вчерашниот меч во Битола, затоа што кога е Војдан во прашањето, неговата игра е многу повеќе од статистички бројки, тоа е енергијата што ја дава на теренот, искуството да знае кога да тргне веднаш на кош, а кога да застане, мајсторијата да го прочита противникот и да стигне до украдена топка… и што уште не… Близнакот е синоним за лидер, најчесто тивок и вреден каков што е и карактерно, но кога е неопходно, „витез“ што ќе излезе напред и ќе ја предводи својата чета на патот до победата. Македонскиот капитен покажа дека и на 35-годишна возраст е алфа и омега на домашната сцена, а на управата на клубот е да успее да го задржи во своите редови ако се знае дека Војдан во меѓувреме доби и нова понуда за странски ангажман.

Следната сезона се очекува да биде далеку поинтересна од оваа сегашната, Работнички исчисти голем дел од долговите и сигурно ќе има поконкурентна екипа, Пелистер исто така најавува посериозен проект од спортски аспект, Еуро Никел и Гостивар сигурно ќе чекаат своја шанса, а секогаш подготвени за изненадување се ТФТ и Феникс.

Се надеваме, и со Војдан Стојановски повторно на мак-терените затоа што кошарката е спорт за уживање кога го гледате овој голем кошаркарски ас и човек на домашната сцена.

Се вчитува...