ТАЈМАУТ: Лекција по патриотизам

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Убавината на спортот е што во него секогаш има простор за изненадувања. Како мала држава, имавме можност да уживаме во позитивните работи кога ќе ремизираме со Англија или Холандија во фудбал, или кога ќе ја преслушаме Грција или Литванија во кошарка. Во неделата, ни се случи Македонија да биде и на спротивната страна, ние да сме оние шокираните, во спорт што е број 1 во државата, ракометот, лекција да ни држи Грција, селекција без ниту еден настап на големите натпреварувања.

И не беше лекцијата во ракомет, туку во патриотизам, однос на терен и карактер при носење на националниот дрес. Во меч без ниту еден националистички инцидент, Грците им покажаа на Манасков, Кузмановски и останатите како се гине за дресот на својата земја. Гинење на терен, во рамките на спортот, за што за награда ја добија победата, а нашите „ѕвезди“ – срамниот пораз. Тоа е она што боли уште повеќе, победничкиот дух што ја красел Македонија кога играла со „поголеми од себе“, сега исчезна во пресметката со селекцијата од која никако не смее да се загуби. Бидејќи пресметките со Грција секогаш биле, а и во иднина ќе бидат, од поголемо значење за Македонците од сите останати, свесни за тоа се и ракометарите, но сепак во Кожани излегоа на терен како примадони… и го платија цехот.

Вината играчки гледано може да ја побараме каде сакаме (освен кај капитенот Лазаров и голманот Митревски) и нема да погрешиме. Во промашените шутеви од крило, очајната организација на среден бек, трагикомичната игра во одбрана… и што уште не. Но не смее да се изостави ниту Раул Гонзалес, поранешниот „командант“ на Вардар кој и самиот беше далеку под своето ниво исто како што беа ракометарите. Организацијата беше таква новинарите да седат долу зад голот, па да видат како на пет минути до крајот (при негатива од еден гол на Македонија), нашите бекови се подаваат по петнаесетина секунди додека Раул размислува кој да игра пивот, дали да одиме „седум на шест“ или нешто сосема трето. Да не му се верува на човек, стратегот што смисли победнички акции за помалку од десет секунди против Барса и ПСЖ во Келн, сега двојно повеќе размислува дали да игра Прибак или Кузмановски, дали е подобро Пешевски или Стоилов…

Шпанецот е ракометен тактички генијалец, но во овој двомеч со Турција и Грција и самиот влезе пререлаксирано, па дури на крајот во Кожани и изјави дека „ние многу сме очекувале и не било лесно“. Ако бара алиби, тоа е наивно бидејќи никој не му верува, ако навистина го мисли тоа, тогаш сигурно ја утнал функцијата.

Затоа што во клуб се игра на картата професионализам и пари (плата), во репрезентацијата голем дел од успешната приказна се базира на мотивација и дисциплина. Ракометарите се тие што се, и кога веќе Раул решил да не подмладува и да им даде шанса на оние од „следната генерација“, треба барем да го извлече најдоброто од оние што ги има. А не кога ќе погледне кон клупата во потрага по „план Б“, да ги шири рацете во знак на немоќ.

Се изнаслушавме дека Македонците имаат нереални очекувања од странски селектори во речиси сите спортови, но ние сме такви какви што сме и сигурно нема да се промениме, особено не во спорт што има континуитет од настапи на големите натпреварувања. Наше како нација е да сонуваме за нешто поголемо, а не да имаме кошмари од Грција.

Се вчитува...