За пласман ни треба победа со толку, а за прво место со волку голови разлика. Што кога ќе водиме со пет, дали да им „пуштиме“ на Австријците… за сите да сме задоволни. Каква само весела математика беше тоа во последните два дена во Виена, немаше дилема околу прашањето за победникот, си замисливме дека тоа е Македонија, само се пресметуваше со колку разлика е најдобро да победиме. Само што, ракометот е игра во која победникот се решава со оставање срце на терен, а не со застарени математички формули, засновани на времињата кога Македонија имаше квалитетна ракометна репрезентација.
Го задржавме континуитетот од настапи, но не и од резултати на големите натпреварувања. Втор шампионат по ред го завршуваме уште во првата фаза, а ако на СП во Германија „утеха’ беше настап на „Президент купот“, сега во Австрија поразот од домаќинот значи и експресно пакување на куферите. Апсолутно заслужено, ако се земе во предвид покажаниот карактер и квалитет во текот на трите средби од групата составена од квалитативно најслаби ривали што Македонија некогаш ги имала на едно СП или ЕП.
Заслужено и сосема реално ако се земе во предвид целокупниот арсенал со кој располагаме. Еден врвен играч за кој ривалите од „трета мајка“ најдоа лек, па Пајович со зона 5-1 насочена кон Лазаров целосно го исфрли од ритам нашиот капитен. И тогаш требаше да повлечат „младите“ кои веќе „остареа“ во репрезентативниот дрес, заедно со сите нас кои со години наназад чекаме блесок и преземање на одговорноста од Талески, Кузмановски, сега веќе и од Танкоски. И повторно потфрлија. Македонија без „вистинскиот“ Кире Лазаров, со седум-осум гола и пет-шест асистенции од капитенот, тоа е потпросечна репрезентација, тоа е реалноста кој боли, но од која не можеме да побегнеме.
Борко вели – толку се можностите, Кире се извинува на нацијата, Тале бега низ микс-зона, Фитиљ вети дека ќе се поправи, Манасков без зборови за фијаското… Да биде јасно, не е страшно да загубиш од Австрија во Виена, но да го сториш тоа онака, со „спуштени гаќи“ уште по 25 минути игра, тоа не доликува на репрезентација која е национална гордост со години наназад.
Прашањето е што сега… Брестовац најави „рез во репрезентацијата“. Само што селекторот уште на својата промоција пред неполна година најави дека е подготвен да го направи тој тежок, но неопходен чекор. А сите средби ги почнавме со Манасков, Георгиевски, Лазаров, Кузмановски, Талески и Стоилов, со искусните Ристовски и Митревски кои се ротираа како голмани. Прва опција за резерва беше Пешевски за Стоилов, а од младите шанса доби Танкоски, кој одигра добро само 10 минути во првото полувреме со Украина. Едно добро полувреме видовме и од Мишевски, но тој доби минутажа пред се поради повредата на Велко Маркоски. Костески како најперспективен млад играч испадна во последниот филтер пред Виена. Томовски и Серафимов средбите ги гледаа од трибина… За какво подмладување зборуваме?
„Мислам дека комисијата го направи вистинскиот избор, бидејќи сум вистинскиот човек за правење на еден вид фузија, меѓу оние играчи со кои имам настапувано како играч и оние кои ги селектирав во младинските селекции во изминатиот период“ – истакна Брестовац на промоцијата во март минатата година.
Вчера пак на прес-конференцијата во Виена, се пожали дека не знае зошто, но никако не може да создаде хемија меѓу поискусните и помладите играчи на теренот.
И сега, шу праиме?
Јасен е рецептот на македонскиот спорт, кога нема резултат, „подмладување“ е магичниот збор што треба да го избрише неуспехот. Само што кај нас немаше ни „П“ од планско подмладување на терен, го знае тоа и селекторот. Но, го мачи што знае дека во младите нема ниту еден „дијамант“ што ќе може да биде избрусен. Затоа што греат клупи по клубовите во странство, или пак глумат „ѕвезди“ и сакаат да менуваат тренери во македонските суперлигаши. Со такви „таленти“ не може да си конкурентен на големите натпреварувања.
Треба да напредуваат играчите, но исто така и селекторот. Не може по тајмаут на неполни три минути со Украина противникот да ја продолжи серијата, исто како што не може на клучниот меч со Австрија да чекаш бродот да потоне, па на „минус шест“ да го земеш првиот одмор за да поделиш совети. И веднаш потоа, по твоите совети, резултатот да отиде на „минус осум“. Со сериозен кормилар, во репрезентација што е дел од едно големо натпреварување, тоа никако не смее да се случува.
Време е да се соочиме со реалноста, дека ракометно гледано секоја година сме еден до два чекори назад во однос на претходната. Петти во Европа бевме еднаш и никогаш повеќе, никогаш немаме играно четвртфинале од еден светски шампионат. Во најдобрите времиња, со генерација играчи многу поквалитетна, поборбена, похомогена од оваа денешната.
Не е ништо срамно да се признае реалноста, но само доколку потоа се засукаат ракави и вистински се работи. Секое повторување на ланските муабети, со зборови, но без дела, ќе значи и тонење во уште подлабока криза.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА