МЗТ Скопје продолжува со испишувањето на црни страници во својата историја, играјќи се полошо и полошо на секој следен натпревар во АБА-лигата. Шлаканицата за будење дојде вчера против Олимпија, меч во кој „металците“ за едно полувреме загубија со неверојатни 43 поени разлика, делувајќи како „селска задруга“ многу повеќе отколку на спортска екипа, која згора на тоа е единствен репрезент на македонската кошарка во елитното регионално натпреварување.
Навивачите, оној се помал број што доаѓа во СЦ „Јане Сандански“, со право стануваат се повеќе исфрустрирани, бидејќи не само што нивните миленици заостануваат кошаркарски во однос на противниците, туку нема ниту желба за нешто да се промени.
Голем дел од вината дефинитивно е кај играчите, но не смее да се запостави ниту управата која всушност ги ангажирала. Кој е тој што се согласил на Доминик Мавра да му даде плата од 6.000 евра за да дојде во Аеродром и да глуми ѕвезда, само затоа што одигра половина добра сезона во Карпош соколи. Хрватот и претходно, а и после МЗТ ќе тоне во морето на кошаркарската потпросечност, но МЗТ Скопје како и голем број на македонски клубови многу полесно трошат значаен дел од своите буџети на вакви играчи, кои потоа навредени и незадоволни (но со полни џебови) си одат од „Јане Сандански“. Ист ќе биде случајот и со Мајсторовиќ кој го наплаќа својот туризам во Скопје по исклучително висока тарифа.
Да се вратиме малку наназад, на стартот од сезонава, МЗТ Скопје требаше да претставува македонски концепт, склоп на младост и искуство на домашни кошаркари. Следеше ремонт на тимот со кој беа потрошени уште повеќе пари, но за уште послаби резултати и катастрофална игра. Павличевиќ и Мавра еве веќе ги нема, Мајсторовиќ игра минимално, но заработува максимално, Спасојевиќ се бори, но нема квалитет за нешто повеќе… И сега ќе се каже дека ростерот е ограничен од објективни причини (повреди), но кој ги пушти да си заминат Мекиќ и Стајиќ, играчи кои сигурно ќе можеа да дадат свој придонес, и барем македонски играчи ќе „растеа“ низ АБА, наместо мак- баскетот да го бламираат скапо платени странци.
Точно е, играчите доаѓаат на барање на тренерот, но во сериозните клубови над тренерот секогаш има некој кој управува со парите и ја диригира клупската политика – директор кој е задолжен токму за водење на такви преговори. Во МЗТ се падна и на тој испит, политичката промена донесе и директорски претумбации, донесен е Тони Грнчаров, но наместо на подобро се продолжи со истото темпо од претходната управа, со играчи кои доаѓаат и си одат (за предвремен раскин добиваат и по неколку плати), а клубот што тонеше во просечноста сега отиде и чекор наназад, па стана предмет на потсмев во регионот.
Никако не смее да се запостави ниту тренерот Жељко Лукајиќ, исто така добро платен странец кој донесе НУЛА резултат. „Морам да ги научам играчите како се игра одбрана“, „Има многу работи за оправдание, но …“, „Тренираме како навредени невести…“, се само дел од коментарите на стратегот кој на девет натпревари во АБА имаше само една единствена победа и дури осум порази, дел од нив катастрофални.
Зарем не е тоа дел од тренерската работа, да се научи да се игра одбрана, да се тренира жестоко, а не како „навредени невести“… или полесно е да се кажат две-три реченици на прес-конференција и да се тера по старо. Исто како и со играчите, клупското раководство ја направи истата грешка и со тренерите, избра странец „демек“ да наметне авторитет, кој успеа само да се испокара со половина екипа, за уште поголема каша-попара во таборот на аеродромци.
Оваа сезона отиде во неврат, а за оние паметните испаѓањето од АБА е најдоброто што може да се случи (и никако не треба да се крстат во проширување на лигата). Ова треба да биде лекција за да се стави линија и да се почне од нула, МЗТ повторно да стане синоним за аеродромска спортска гордост, наместо кратенка за Многу Залутани Туристи – што е најдобар опис за македонскиот првак во моментов, од играчите, преку тренерот, се до самата управа.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА