ТАЈМАУТ: „Пеницилин“ за „докторот“

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

МЗТ Скопје влезе како фаворит во финалната серија, но никој не очекуваше вакво „газење“ на Работнички, како демонстрација на надмоќта на аеродромскиот клуб над вечниот ривал. Поразот од 80-44 е шлаканица каква што Работнички нема добиено со години наназад, па нема сомнеж дека „центарци“ ќе ги „боли“ и во текот на летото, кога ќе решаваат кој ќе остане, а кој ќе си оди од овој тим.

А еден од оние кои нема да останат е Марин Докузовски, откако трофејниот стратег најави дека на крајот од сезонава ќе се повлече од тренерската функција во најтрофејниот македонски клуб. Докузовски по мечот фрлаше со „дрва и камења“ по своите кошаркари, им порача дека ги посрамотиле клупските бои, но кога ќе се загуби со 36 поени разлика од вина никако не смее да се биде заобиколен ниту тренерот. Затоа што токму „докторот“ требаше да биде оној „фактор икс“ што ќе му донесе предност на Работнички, но синоќа доби „пеницилин“ од Ѓорѓи Кочов. Младиот стратег дури и покажа доблест, во финишот им даде шанса на најмладите, па дури и со таков тим ја „билдаше“ разликата до конечните „плус 36“.

Андреј Магдевски е играчот што го одбележа првиот финален натпревар. Не станува збор само за бројки (13 поени, три скока, три асистенции и пет украдени топки за 19 минути игра), туку за фактот дека МЗТ Скопје делува многу подобро како тим кога македонскиот репрезентативец е на теренот. Одбраната е многу покомпактна, а се разигруваат и останатите соиграчи, особено Дамјан Стојановски, што не е случај кога Медфорд ја организира играта (пред се во последните два месеци). Магдевски дефинитивно од натпревар во натпревар игра се подобро, па нема да биде изненадување, напротив, ќе биде апсолутно заслужено – ако во следната сезона наместо на скап странец токму на нашиот репрезентативец му биде доделена улогата на главен организатор на играта на „сино-белите“.

Се вчитува...