ТАЈМАУТ: Адиос Раул

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Заврши уште една селекторската епизода кога станува збор за македонската ракометна репрезентација, овојпат со Раул Гонзалес во главна улога како предводник на нашиот национален тим. „Ел Команданте“ дојде во свој стил, тивко и со вредна работа, импресионираше со лесната квалификациска победа над Исланд проследена со декласирањето на Чешка, потоа создаде еуфорија со извонредните игри на ЕП во Загреб, но кога се ќе се собере и одземе, останува просечниот резултат околу кој ротиравме и на претходните европски и светски шампионати.

Не, Раул Гонзалес не си оди бидејќи е навреден од домашните стратези и критиките за „седум на шест“ како негов единствен тактички план во Минхен. Не си оди ни затоа што новинарите многу го прашувале за младите, а тој сакал да се сконцентрира на сегашноста наместо да мисли на иднината. Причината е очигледна за тој што сака да ја види – се променија приоритетите, кога дојде на селекторската функција тој седеше на клупата на Вардар, а кога се пресели во ПСЖ, јасно беше дека предвремената разделба ќе биде неизбежна.

На последната прес-конференција во Келн се „отвори“ како никогаш досега, проговори многу повеќе за тактиката и за своите замисли, како и зошто не сме постигнале нешто повеќе. За човек со навиките на „Ел Команданте“ – невообичаено, за нас присутните во „Ланксес арена“ предзнак дека е дојдено време да си кажеме збогум. Во стручноста никој ниту се сомневал, ниту ќе се сомнева, но факт е дека француската клима го промени ентузијазмот на Раул кога и да дојдеше во Скопје. Тоа го почувствуваа и самите ракометари, па недостигаше оној жар, искра за да се изгине за секоја топка…, она малку што можеби ни фалеше за да го победиме Исланд. Не дека тоа нешто ќе променеше околу соработката…, бидејќи чинам „Ел Команданте“ својата одлука ја имаше донесено уште пред СП 2019.

Беше убаво додека траеше, играчите и новинарите од ривалските земји да ни завидуваат каков стратег имаме за селектор. Ние по правило работите и луѓето повеќе ги цениме откако ќе ги загубиме, но ова не е еден од тие случаи, бидејќи разделбата е желба само на Раул Гонзалес, а Живко Мукаетов како прв човек на РФМ, но пред се како успешен бизнисмен знаеше да оцени дека со сила убавина не бидува, па се согласи на спогодбен раскин на договорот.

И сега, вртиме нов лист – а да се избере стратег што ќе наследи освојувач на трофејот од ЛШ нема да биде лесно. Критериуми има многу, но еден нека биде пресуден – кој и да дојде на селекторската функција, нека биде тука на подолг рок – и по можност без клупски ангажман. Затоа што и Обрван работеше супер-професионално додека не најде работа во Шамбери, Червар беше топ-посветен, но кога „секна“ Металург почна од втората да се врти кон својата прва татковина, а и Раул – со првата клупска понуда што не се одбива репрезентацијата ја стави во втор план.

Сакал некој да признае или не, тоа е вистината… и не е ништо срамно, напротив – човечки е, посебно за стратег од странска земја кој секогаш ќе се води според личните приоритети, не сакајќи да си ја загрози работата во најбогатиот европски клуб бидејќи паралелно со тоа е и селектор на 15. ракометна селекција во светот. Кога има двоен ангажман, репрезентацијата никогаш не е светост, сетете се како Брестовац си замина среде ЕП во Полска за да ги почне подготовките со Шамбери, или како Парондо лани не отпатува од Загреб за Вараждин за да се посвети на Вардар.

Затоа, новиот почеток нека биде поставен на цврсти темели, со јасно дефинирани права и обврски – со ексклузивитет на македонската репрезентација.

Се вчитува...