Што може и да се очекува во ситуација кога управата на МЗТ Скопје е урбана легенда, сите чуле дека постои, но никој не ја видел…
Катастрофална беше оваа сезона за МЗТ Скопје, со загубена титула во Македонија, испаѓање од АБА-лигата и освоен трофеј во Купот на Македонија како единствена светла точка, премалку за шесткратниот првак. Годината на внатрешни конфликти, промени на тренери и промашени странски засилувања, управа што се покажа послаба дури и од онаа претходната… конечниот исход и не можеше да биде поинаков од овој дебакл.
Што и може да се очекува во ситуација кога управата на МЗТ Скопје е урбана легенда, сите чуле дека постои, но никој не ја видел, со исклучок на поранешниот капитен Грнчаров, кој ако ништо друго барем беше присутен на клупата за време на натпреварите. Најсилна страна и беше пишување на соопштенија, со кои се влезе во конфликт со сите оние кои претставуваа директна или индиректна опасност во битката за висок пласман. За МЗТ едни екипи играа во „хангар“, други во „штала“, но кармата е чудна работа, па салата со која „металците“ толку многу се гордеат (а Работнички ги потсети дека не е нивна сопственост) протече токму во големото финале. Не од технички, туку од субјективни причини на лица од организацијата, но се случи – модерниот дом да се лизга како што не беше случај ниту во „хангарот“ ниту во „шталата“.
Тука беа и коментарите за судењето по секој пораз, кој кулминираа со гнасното соопштение на адреса на Игор Митровски, кој беше посочен како „самобендисан искомплексиран крвник“. Е тука веќе се надминаа луѓето од управата, на кои очигледно некој треба да им објасни дека не водат ПР кампања на политичка партија, со црнење на противникот како барање вина за својата неспособност. Ова е СПОРТСКИ КЛУБ, во спортот е нормално и да се загуби, а не е срамота некогаш да се признае – подобри бевте на овој меч, ќе возвратиме со иста мера во реваншот. Онака, во духот на фер-плејот, без удари под појасот, срамни транспаренти и проѕирни финти, не дебарски, туку аеродромски.
Половина и повеќе од тие соопштенија беа во духот „за нашите навивачи, кои се душата на клубот“, но на трибините се до финалето со Работнички имаше едвај по стотина приврзаници на „Фемили Аеродром“ и максимум илјада фанови на останатите натпревари. И да не заборавиме, читавме и соопштенија како раководството со гордост најавува дека ќе ги „облече“ столчињата во „Јане Сандански“. Од прва не им успеа, па мораа да го повторат за да се пофалат со „сработување на ветеното“.
Едно е сигурно, за сегашните приврзаници на „Фемили Аеродром“, како и за оние повозрасните, не им се потребни вакви писанија за да се идентификуваат со клубот, кој е гордост на населбата. Тие многу добро знаат и гледаат и кој работи и колку се труди, но и колку го болат неуспесите и се обидува да ги поправи грешките… а такви ги има премалку, како во играчкиот кадар, така и во раководните структури, бидејќи е полесно вината да ја посочиш кај оној другиот, наместо да ја побараш кај самиот себе. Навивачите имаат право да бидат разочарани, бидејќи на почетокот од сезонава им беше ветено нешто сосема поинакво – проект во кој во преден план ќе бидат домашни играчи, шанса ќе добиваат и оние помладите… На крај не се оствари ништо, а згора на тоа се остана без титула.
Еден од постулатите на стартот од сезонава беше и квалитетна работа со младите категории, каде МЗТ исто така доживеа фијаско. А и тука работите не тргнаа на подобро, меѓу другото и поради продолжувањето на трендот на претходната управа, по потреба по безброј промашени странци, буџетот да се дополнува од сметката на младинската школа.
Што е следно?
Едно е јасно, пари ќе има многу помалку отколку лани, но тоа и не треба да биде толку важно бидејќи онака се трошеа катастрофално лошо. Во АБА секако нема да се игра (за АБА2 не е неопходен преголем буџет), па ако има една добра работа во сите овие црнила е што се добива можност да се подвлече црта и да се тргне од нула, да се зацрта план, ама овојпат навистина да се реализира. Ѓорѓи Кочов не успеа да ја одбрани титулата, но младиот стратег поседува страст, желба за работа и потенцијал со кој може уште повеќе да се развива, а и клубот да тргне во вистинска насока со него. Не говориме за титула, туку за напорна работа од која меѓу другото ќе почнат и да се вадат нови млади играчи, нешто што МЗТ го правеше во минатото, но го загуби во изминатите десетина години. Се што треба е да добие шанса со тим што сам ќе го селектира, а не група на скапо платени индивидуи кои никогаш не заличија на екипа.
А ако му се даде шанса, треба цврсто да се застане зад него во еден подолгорочен проект, за еднаш засекогаш МЗТ Скопје да престане да биде тема за потсмев во регионот, за бројот на сменети тренери и бројката на странци кои дефилираат и си заминуваат од Аеродром. И тоа со општински пари.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА