Дојдовме, видовме, одигравме, се вративме дома…. и така секој јануари на големите ракометни натпреварувања, на кои Македонија е дел повеќе од една деценија, како редовен дел од ракометната елита во Европа. И секоја година е истото, враќањето дома покренува и низа анализи, огромен дел од нив неиздржани, за тоа зошто не играме подобро, зошто не победуваме повеќе, зошто не сме повисоко во генералниот пласман.
И колку повеќе се следат социјалните мрежи, чиниш неуспех е што една таква група сме завршиле со само три бода. Сме загубиле од Данска, сме морале да бидеме похрабри. Ремизиравме со Португалија – селекцијата што е четврта во светот ‘била само инстант-успех’. Кога истата таа селекција два дена подоцна ја совлада Данска против Хернинг, ‘значи немала ден против нас’. Играме со Романија, водиме 59 минути и на крајот победуваме…. ‘сме морале да бидеме поубедливи…’.
И не е проблем што ние новинарите стигнуваме до овие коментари, што по социјални мрежи, што по други медиуми (тоа ни е и дел од работата)… проблемот е што истите тие коментари стигнуваат и до самите ракометари, млади луѓе кои се редовни посетители на фејбук, твитер, инстаграм… И дури и доколку не прочитале нешто зошто биле толку под нив, ќе се најде пријател што ќе им прати (‘види што овој напишал/кажал’). И тоа остава своја трага за наредните мечеви, сакале тие или не, затоа што колку и да са професионалци, пред се се млади луѓе на кои не им е сеедно…

За волја на вистината, огромен дел од критиките како по навика одат не кон играчите, туку кон селекторот. Колку е поголема легендата, толку се погласни „гавраните“ кои секогаш знаат повеќе од било кој друг. За наша среќа, Кире Лазаров и како играч, а особено сега како тренер, знае како да се справи со нив, не дозволувајќи да го изместат од патот по кој чекори. А тоа е пат на успехот, со напредок на репрезентацијата од година во година. Свесен дека оние од струката кои на ТВ го критикуваат тоа од прават од сопствена немоќ, завист, расчистување на стари сметки и што уште не… свесни дека никогаш нема да можат да бидат на негово место.
Едно треба да е јасно, ракометарите повеќе од било кој друг сакаа да ја победат Португалија. На Серафимов не му требаа стотици „плукачи“ пред тастатура, него секако му беше најтешко. Секој еден од ракометарите посакуваше да ја победи Романија со пет-шест и повеќе голови разлика, Лазаров рамо до рамо со нив.
Факт е дека дадоа се од себе за Македонија, и ја претставија државата во најдобро можно светло. Со борбеност, сплотеност, желба за напредок… за што можат да учат многумина од нив, во сите сегменти од нашата држава.
И не успеаја да стигнат до главната фаза на ЕП… повторно. И верувајте, тоа не е ништо страшно. Затоа што реалноста е дека пред нас ќе беа дуели со Франција, Норвешка, Германија и Шпанија, згора на тоа ние без петмина ракометари што се повредија во првата фаза. Велат, се учи од вакви мечеви, искуството се добива токму против најголемите. Ама пак, тоа го велат истите оние што велеа дека ‘сме морале да победиме една ваква Португалија’!!?
„Караванот“ ќе продолжи да врви, ракометот беше и ќе биде спорт број 1 во Македонија, затоа што како ниту еден друг сплотува цела нација секој јанууари, од 2012 па се досега… Само, мораме да научиме да го цениме она што го имаме, затоа што ако го загубиме, тогаш ќе биде предоцна. Верувајте. Прашајте ги луѓето од кошаркарскиот свет!
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

