ТАЈМАУТ: За селекторот Кире, „бомбардерот“ Тале и за подмладувањето

ТАЈМАУТ

Стеван Цаневски

Македонија неславно го заврши својот настап на ЕП 2022, продолжувајќи го трендот на се послаби резултати на големите натпреварувања. Во Виена и во Египет барем имаше по една победа, но билансот од овој јануари е – три меча, три порази и огромно разочарување меѓу целокупната ракометна јавност.

Најлесно е прстот да се насочи само на едно место и да каже – тој е виновникот, но суштината е дека проблемот е многу подлабок. Ситуацијата во Дебрецин ќе беше многу поинаква доколку на терен го имавме Лазаров заедно со Стоилов, но реалноста вели дека од летово Кире дефинитивно ќе замине во играчка пензија, и капитенот на Вардар се приближува до сличен момент, а она што ќе го имаме на располагање е она што го видовме на теренот на „Феникс Арена“, минус Миркуловски.

1. ПОДМЛАДУВАЊЕТО – тема во мак-ракометот што се дискутира и најавува подолго време, а сега ја гледаме на дело – и да бидам искрен – воопшто не ми се допаѓа она што го видов. Ѓоргиев доби и повеќе шанси во изминатите години од оние што ги заслужува и се покажа разочарувачки, па неслучајно голем дел од последниот меч го проследи од клупата. Митев доби поголема минутажа против Данците, имаше моменти на блесок, но физичката инфериорност како среден бек против корпулентните противници е нешто што ќе биде проблем кога се игра ракомет на највисоко ниво, барем за наредните една до две години додека не напредне значително и на физички план.

Цветан Кузманоски се покажа сосема солидно, и покрај промашувањата на последните натпревари. Крилото на Еурофарм Пелистер2 покажа спортска дрскост и доколку продолжи да се развива со исто темпо ќе биде сосема добра опција за позицијата каде секако прв избор по повредата ќе биде Дејан Манасков.

Бековската линија останува главен проблем, а кога станува збор за подмладување останува на дело да ги видиме Атанасијевиќ и Ѓоргоски, двајца играчи кои сезонава се во топ-форма во Супер-лигата. Официјалното соопштение беше дека во Дебрецин не ги видовме поради одбивањето да се вакцинираат, но останува надежта дека наскоро јавноста ќе ги види на дело и во сениорскиот репрезентативен дрес, бидејќи имаат физикус и квалитет над неколкумина кои дебитираа на овој шампионат.

На целата репрезентација и се зема „за грев“ недоволна борба,  но од тој аспект бевме ниво или две над она што Македонија го играше пред дванесет месеци во Египет. Многу пореално е да се погледнеме во очи и да си признаеме – немаме квалитет. Не може да кажете дека Ѓоргиев, Митев, Серафимов… не ја посакувале доволно победата, но инфериорноста во дуелите со противниците е јасен знак дека не ни се пишува ништо добро во краткорочната иднина. За нешто подобро на долги патеки, треба да се засукаат ракави и напорно да се работи…

2. КИРЕ ЛАЗАРОВ – Селекторот во неколку наврати истакна дека и тој самиот презема дел од вината за ова слабо резултатско издание. Со изоставувањето на Ѓоргиев од стартната седумнја на последниот меч, и конечниот почеток со Кузмановски, Талески и Велковски како ударно трио за иднината, ја призна својата грешка од првите две кола.

Тактичката поткованост и знаењето на ракометната игра е нешто во што никој не треба да се сомнева, Лазаров е перфекционист и за очекување е тоа да го бара и од своите избраници. Инсистирањето на брз напад е нешто што на долг рок би требало да донесе резултат, со тоа би паднал и бројот на загубени топки што беше алармантно висок на овој шампионат.

Тактиката не е толку проблем за Лазаров колку што е селекцијата, а долгогодишниот капитен мора да направи една работа за доброто на националниот тим – да го надмине егото и ставот кон играчите кои не ги слушаат неговите совети околу избор на нов клуб. Затоа што изговорот „млад и талентиран“ за некој повикан играч можеби е добар за клуб, но кога станува збор за Македонија, тогаш треба да играат оние најдобрите.

Затоа што репрезентацијата и нејзиниот интерес мора да биде над се, па и над селекторот, дури и кога тој се вика Кире Лазаров.

3. ФИЛИП ТАЛЕСКИ – сосема неоправдано, најкритикувана личност меѓу репрезентативците на големите натпреварувања. Претходно на тапет беше Филип Лазаров, сега е Талески, од кал да е, Филип да е, само да има по кого да се „плука“.

Една работа треба да е јасна – Талески низ годините покажа дека нема капацитет да биде нов лидер на репрезентацијата, но тоа не значи дека треба да се фрла со дрва и камења по него. Тале веќе не е оној суперталент на Металург кој даде 13 гола во ЛШ, седењето на клупа во Германија го направи просечен играч кој игра топло – ладно за Вардар и ништо повеќе. И таков каков што е во моментов, сепак е еден од подобрите на бековската позиција во мак-ракометот и го заслужува местото во националниот тим. A доколку се намали со „плукањето“ по него, ќе се подигне и квалитетот. Можеби нема да биде „бомбардер“ со осум гола просек по натпревар, но дефинитивно ќе ги крене процентите во однос на бројките од овој шампионат.

Се вчитува...