Сергеј Самсоненко вчера објави дека веќе не е во можност да продолжи со финансирањето на РК Вардар. Очекувано, се претстави како жртвено јагне, паталец што се истрошил премногу за доброто на македонскиот спорт, но веќе немал сили да продолжи. Пустиот тој, греота и за жалење, човек што од свој џеб создаде спортска империја. Или не беше баш така…
Ајде да се потсетиме. Русинот за првпат се појави во спортската јавност во 2012 година, како голем ентузијаст за спонзорирање на женски ракометен клуб. И една од првите желби му беше да го промени името на ЖРК Вардар. Оние со подобра меморија ќе се сетат, имаше и анкета на клупската веб-страница со три „подобри“ имиња од Вардар, за по реакцијата на неколку медиуми и дел од јавноста, анкетата да исчезне и никогаш да не се повтори. Ах, да… во тој „Силен Вардар“ дојде една врвна ракометарка, Ина Суслина, заедно со уште три четири потпросечни Русинки. И загуби клучен натпревар од ЖРК Металург.
Но, во тој период Сергеј Самсоненко стана интересен за тогашната власт, како одлична фигура на чело на проектот што ќе биде финансиран „надворешно“. Дури откако доби, за јавноста таен, „ветер во грб“, почнаа да се редат звучни имиња како Лекиќ, Радичевиќ, Лејно… А за возврат, се преземаше секој клуб што ќе беше побаран од него. Најпрво машкиот ракометен, потоа и фудбалскиот, за создавање на едно големо и среќно „црвено-црно семејство“. А, во суштина, среќно само навидум!
И нема во целата приказна ништо лошо, освен делот со лажната слика на „паталец“. Вардар во врвот на своето постоење беше ДРЖАВЕН ПРОЕКТ, кој на крајот на краиштата и ги оправда очекувањата со таа историска круна во Келн. Сергеј Самсоненко беше лауреатот во целата приказна, човекот стигна до ЦСКА Москва, па влезе и во Ракометната Федерација на Русија. А парите… парите во тоа време доаѓаа од сите страни, од моќни компании, јавни претпријатија и од каде уште не. Секако, делумно и од самиот Самсоненко, но да не се лажеме, тој ниту некогаш бил, ниту пак ќе биде толку моќен за самиот финансиски да издржи раководење со три сериозни спортски колективи. И тоа е факт, само кој сака да го прифати!
Се смени власта, секнаа парите, Вардар повеќе не е државен проект, туку се повеќе остана на товар на Русинот. Неслучајно се поклопува Самсоненко да се жали како “изминува веќе третата година како јас лично се борам од ден за ден за издржување на клубот, со постојано задолжување и земање на кредити“. Кога е сам е многу потешко, дури и неиздржливо. Ама нели на мака се гледаат јунаците. „Или јеси или ниси“… знаат да кажат Србите за слични ситуации кога треба да се донесе важна одлука. Газда Сергеј ја избра полесната, да се повлече.
Жално е што Вардар нема да биде оној истиот, но да не се лажеме, Вардар ќе беше слаб и доколку Сергеј остане на чело. И уште послаб во секоја наредна година. Затоа што без „позадински инјекции“ се невозможни засилувања од Барселона, Кјелце, Рајн-Некар Левен. Тоа е причината поради која Вардар повеќе нема (барем не во блиска иднина) да биде онаков каков што го знаеме и каков што сите сакаме да остане уште долго. Не поради Сергеј Самсоненко, кој уживаше во моментите на најголема слава, а сега ќе се повлече онака како што и пристигна, тивко и неупадливо.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА