Португалија е најпријатното изненадување на овој европски шампионат, земјата во која фудбалот отсекогаш бил број 1 сега има нови спортски херои. Квинтана, Боргес, Фраде, Руи Силва, Диого Бранкињо, Фераз… за овие ракометари до неодамна не се знаеше ниту во нивната татковина, но сега за нив со голем респект се говори низ цела ракометна Европа. Згора на тоа, Португалија допатува на ова ЕП без својот најдобар ракометар, Жилберто Дуарте од редовите на Монпелје.
Комплиментите се сосема заслужени, со оглед на неверојатните партии покажани најпрвин во Трондхајм, а синоќа и во Малме. Да не заборавиме, Португалија го отвори настапот на ова ЕП со сензационална победа над Франција, а по елиминацијата на „триколорите“ со вечерашниот убедлив триумф над Шведска ги исфрли од конкуренција и домаќините на завршниот викенд од шампионатот.
Што е тајната на успехот? Според португалските медиуми, тоа e фактот што најдобрите португалски спортски колективи почнале посериозно да вложуваат во ракометните клубови. Порто, Спортинг, Бенфика, Брага… сите овие се клубови кои беспрекорно добро функционираат на фудбалски план, остваруваат значајни заработи од продажба на фудбалери, но неодамна донеле одлука дел од тие пари да ги реинвестираат во ракометот.
Најдобро од сите му оди на Порто, кој лани стигна до финалето од ЕХФ-Купот, а сезонава игра одлично во елитните групи од Лигата на шампионите, совладувајќи ги Кил и Кјелце… Спортинг за тренер го донесе Тиери Анти, кој пред две години го одведе Нант до финалето во ЛШ, додека Бенфика инвестираше во искусни и проверени ракометари, меѓу нив и нашиот голман Борко Ристовски.
Клучно е да се потенцира дека финансиската инјекција не значеше трошење на пари на странци, па така Порто има само пет ракометари надвор од Португалија, но затоа има осум репрезентативци на својата земја. Доаѓаат и нови врвни генерации, па така Диого Силва, кој беше најдобар стрелец на последното СП за младинци, не се избори за место за настап на овој шампионат.
„Имаме високи амбиции на овој шампионат. И покрај тешката група, верувавме во своите можности. Не се плашиме од никого, тоа го покажавме на теренот“, изјави селекторот Пауло Переира.
И навистина, ваков беспрекорен ракомет, игра без никаков притисок, цврста, моќна, атрактивна… не сме виделе многу одамна. Затоа, великаните треба да внимаваат – Португалците се дојдени за големи работи на ова европско првенство.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА