Се е подготвено за последната скопска битка за место на Ф4 турнирот во Келн, пресметката на Вардар и Кил. Да беше овој дуел пред неколку години, многу добро ќе се знаеше кој е кој во европскиот ракомет, но такво време дојде, сега Кил патува во Скопје како аутсајдер, надевајќи се на чудо во пеколот наречен „СЦ Јане Сандански“. Впрочем, така гласи и насловот на најавата за денешниот дуел објавен на официјалната страница на германскиот гигант, во чии редови се свесни колку тешка задача ги очекува во дуелот што почнува во 17 часот.
Не станува збор за психолошки игри и намалување на притисокот, туку за вистински сооднос на работите во последните две години, во кои „вардарци“ од претенденти за место во самата европска елита прераснаа во клуб од највисоко реноме. Ланската титула беше надополнета со извонредни игри во текот на целата сезона, со кои Раул Гонзалес и неговите ракометари јасно ја ставија до знаење решеноста да испишат нова историја – како прв тим што два пати по ред триумфирал во Келн.
За некого преамбициозно, но „црвено-црните“ навистина поседувааат потенцијал и квалитет за такво нешто. Впрочем, го почувствува тоа на своја кожа и Кил, кој играше извонредно неколку натпревари во серија, па го пречека Вардар во својата преполна „Шпаркасе арена“… и загуби. Мечот беше тежок, преполн со пресврти, но кога беше најважно на Германците им падна топката од раце, а „црвено-црните“ стрелаа од аут во гол.
Сега предноста на Вардар е уште поголема – армијата навивачи што ќе грми со поддршка за Раул Гонзалес и неговите избраници, во последниот домашен меч во ЛШ за поголемиот дел од овој тим на „вардарци“ на чело со „ел команданте“. И затоа, Кил неслучајно однапред си ја зема улогата на аутсајдер бидејќи такво време дојде – „зебрите“ веќе не се во мода во европскиот ракомет, туку шампионот на Македонија, бранителоте на европската круна – Вардар.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА