Македонската фудбалска надеж Меланија Грозданова е на чекор до голем трансфер во еден од најпрестижните европски клубови. Според информациите од италијанскиот новинар Руди Галети, Јувентус останува најсериозниот кандидат за ангажман на 17-годишната Македонка.
Грозданова неодамна помина една недела на проби во Торино, каде што се запозна со тренерскиот штаб и условите за работа во академијата на „старата дама“. Јувентус продолжува интензивно да ја следи младата крилна фудбалерка, која веќе импресионираше со своите настапи и во клубот и во репрезентацијата.
Само пред неколку дена Меланија го постигна својот прв гол за сениорската репрезентација на Македонија – во дуелот против Андора во Битола, кога на возраст од 17 години и 70 дена ја затвори победата од 3-0.
Доколку трансферот се реализира, Грозданова би станала најмладата македонска фудбалерка што заиграла во врвен европски клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

