Ракометниот шампион на Македонија Вардар има негатива од четири гола (11-15) на полувреме против унгарскиот Веспрем во првиот натпревар од осминафиналниот двомеч во Лигата на шампионите. Филип Талески беше единствениот расположен ракометар во нашиот табор, додека силната тимска игра на гостите беше клучна за нивно водство по триесет минути.
Гостите подобро го отворија натпреварот и со двата гола на францускиот интернационалец Мае стигнаа до брза предност од 0-2. „Црвено-црните“ брзо се вратија од почетниот грч и со голот на Дибиров од пенал во 5. минута стигнаа до првото израмнување 2-2. Следеше, одбрана на Томовски, а Филип Талески во стил на Кирил Лазаров го донесе првото водство за македонскиот шампион (3-2).
Томовски забележа нова одбрана, а со вториот гол од пенал на Дибиров Вардар стигна и до плус два во седмата минута (4-2). Следеа неколку нереализирани напади на двете страни. Гостите грешеа во нападот, а со третиот гол на Дибиров од пенал во 11. минута домашниот тим стигна до плус три (5-2).
Гостите беа немоќни во нападот и во продолжение, „црвено-црните“ останаа на плус три (6-3), па по еден долг напад тренерот Момир Илиќ во 14. минута мораше да интервенира со прв тајм-аут. Паузата вроди со плод па со два гола едно-подруго унгарскиот шампион се врати на минус еден 6-5. Следеа по еден гол на двете страни, па при резултат 7-6 и Давид Дејвис го повика својот прв тајм-аут.
По тајм-аутот двете екипи продолжија со грешки, игра во која „црвено-црните“ подобро се снајдоа па со голот од контра на Талески во 19. минута повторно стигнаа до предност од два гола 8-6. Гостите успеаја да ја засилат одбраната во следниот период од играта па во 24. минута по подолг период стигнаа до реми (9-9). Следеше промашување на Георгиевски кое беше казнето од Нилсон кој по почетните 0-2, повторно донесе водство за гостите (9-10). Двократниот европски шампион повторно погреши во нападот, а со голот на Ненадиќ од пенал Веспрем повторно стигна до највисоките за нив плус два (9-11).
Талески беше единствениот расположен ракометар кај домаќините и со нов гол намали на 11-12, но веднаш следеше одговор на гостите и во последните три минути се влезе со резултат (10-12). Нова техничка грешка во нападот донесе лесен гол за Македа и највисока предност за Унгарците (10-13) при влезот во последните две минути. Дибиров не успеа да реализира пенал, а со голот на Лекај на една секунда до крајот гостите заминаа на пауза со највисоки 11-15.
Филип Талески со шест гола беше прво име во нашиот табор, додека Дибиров додаде три. Кај гостите Нилсон по првите 30 минути има пет гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА