Филип Талески не го криеше задоволството по остварениот трансфер од Рајн-Некар Левен во Балинген. Целта е јасна – добивање на поголема минутажа со која поранешниот капитен на Металург ќе потсети на своите најдобри настапи откако не доби шанса за такво нешто во дресот на „лавовите“ од Манхајм.
„Едвај чекам да се појавам на теренот, да почнам да играм редовно. Доаѓам овде бидејќи верувам дека ќе имам шанса да играм стандардно, што е најважно за мене во моментов. Разговарав со Владан Липовина, кој ми помогна да се решам бидејќи ми кажа само позитивни работи за екипата, тренерот и за целокупниот клуб“ – истакна Талески за клупската веб-страница на Балинген.
Челниците на повратникот во Бундес-лигата исто така се презадоволни од реализацијата на овој трансфер.
„Го баравме Талески од моментот кога стана јасно дека за него ќе нема иднина во Рајн-Некар Левен, по потписот со Лагард. Ги интензивиравме разговорите и сега конечно постигнавме целосен договор. Голема благодарност до раководството на Рајн-Некар Левен, без чија помош трансферот на овој голем талент на европскиот ракомет во редовите на Балинген ќе беше невозможен“ – прокоментира претседателот Волфганг Штробл.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА