Филип Талески го одигра својот најдобар натпревар во репрезентативниот дрес откако со пет гола беше меѓу најзаслужните за големиот триумф над Исланд. Доколку главната замерка за време на мундијалот во Франција се однесуваше на немањето храброст за шут и преземање одговорност, тоа веќе не е случај кај новиот селектор Раул Гонзалес – Талески делуваше полн со самодоверба, погодувајќи во значајни моменти за нашиот национален тим.
„Горам од желба за игра, тоа се виде и во Скопје. Можеби фактот дека не добивам премногу шанса во Некар Левен придонесува сега да имам уште поголема мотивација, но тоа е одлично и за мене и за репрезентацијата. Одигравме извонреден натпревар против Исланд и заслужено победивме, мојот личен придонес не ме радува толку колку колективниот резултат“ – изјави Талески.
„Црвено-жолтите“ веќе отпатуваа за Исланд, каде утре вечер ќе се сретнат со истиот противник во обид со евентуална победа да направат уште еден огромен чекор напред кон виза за ЕП 2018 во Хрватска.
„Целта ни е секогаш иста, одиме на победа без оглед на противникот. Знаеме дека ќе биде потешко отколку во Скопје, но решени сме да дадеме се од себе. Победата од пред неколку дена сигурно ни дава дополнителна самодоверба“ – порачува македонскиот „бомбардер“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА