Талески ја смирува еуфоријата: Имаме уште 120 минути до крајот на квалификациите!

Првата препрека кон патот за Светското првенство што ќе се одржи во Алжир младинците успешно ја поминаа. Избраниците на Илија Темелковски од стартот на натпреварот ги демонстрираа своите квалитети и енормната разлика која ја направија на полувремето (8-16) им овозможи смирена игра во вториот дел и рутинско завршување за конечни 22-30.

Капитенот Филип Талески вели дека Полјаците биле добро анализирани на што се должи и одличниот резултат.

„Цело време на подготовките во Маврово како и тие овде во Скопје во мислите ни беше Полска бидејќи играме на домашен терен, а тие беа фаворити бидејќи завршија со подобар пласман од нас на Европското првенство. Максимално ги анализиравме, гледавме доста видеа од нив и им ги анализиравме слабите точки кои ги искористивме против нив. Не му дозволивме на левиот бек да ни дава лесни голови, го затворивме и тука се направи разликата. Одигравме една добра одбрана, имавме поддршка и од голманите. Дававме лесни голови особено од десната крилна позиција и во првото полувреме направивме голема разлика што ја одржавме до крајот“ – вели Талески.

Испитите не завршуваат само со победата над Полска. Следен противник е селекцијата на Португалија со која ракометарите утре ќе си ги одмерат силите. Талески ја смирува еуфоријата по одличниот настап на денешниот натпревар и вели дека

„Немаме никаква информација за Португалија бидејќи се фокусиравме само на Полска и немавме време да ги гледаме тука. Ќе го гледаме натпреварот и вечерва и утре ќе се подготвиме колку можеме да ги одиграме и тие 60 минути кои мислам дека се најважни иако имаме уште 120 минути до краот на квалификациите“ – заврши Талески.

Се вчитува...