Најдобриот македонски млад ракометар Филип Талевски очекувано расположен по пласманот на Светското првенство во Алжир го потенцира историскиот успех за нашиот младински ракомет, иако нагласува дека, за жал, мораше да се оди по потешкиот пат…
„Не ја искористивме шансата на вчерашниот натпревар против Португалија па уште порано да се радуваме на пласманот на СП. Но, како викаат, Македонецот секогаш го избора потешкиот пат. Ние го избравме тој пат, и успеавме да дојдеме до посакуваната цел… Разликата која ја бркавме против Турција е тешко да се напише и на хартија, но ние излеговме на терен и успеавме за првпат во историјата една наша младинска генерација преку квалификациски циклус да ја однесеме на СП. Запишавме една нова страница за нашиот младински ракомет, и за првпат во историјата одиме двапати едноподруго на едно големо натпреварување, по ЕП сега на СП“ – ни изјави Талевски веднаш по триумфот над Турција и дополнува:
„Искрено бевме малку изненадени од високата победа претходно на Португалија против Полска. Но, беше што беше тој натпревар, ние добивме една дополнителна мотивација и од срце сакавме да излеземе на терен и пред нашата публика да одиграме максимално со желба да дојдеме на СП. Иако е се уште многу рано, но мора да кажам дека во Алжир ќе одиме да направиме што подобар резултат затоа што е последно големо младинско натпреварување за оваа генерација“.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА