Талески: Нема веќе оправдување дека сме млади и неискусни

Селекторот на ракометната репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров го имаше првиот собир за подготовките за Светското првенство кое на почетокот на следната година ќе се игра во Полска и Шведска.

Еден од најдобрите ракометари во „црвено-жолтиот“ дрес Филип Талески вели дека не смее веќе да има оправдување дека се млади и неискусни и дека мора да одиграат на високо ниво, иако немаа многу среќа при ждрепката.

„Конечно дојде таа промена на составот со повозрасните да не настапуваме на големо натпреварување. Имавме голема помош од нив на бараж натпреварите. Цело искуство ни го пренесоа и ни рекоа дека ние сме тие што треба да одлучуваме. На големите натпреварување се е поразлично. Турнирски систем секој втор ден натпревар, затоа и се собираме порано. Овие десет дена ќе ги искористиме за базични подготовки, па последните десет дена да видиме што ќе ни недостасува со контролите во Хрватска. Уште кога беше ждрепката имав некое чувство дека ќе имаме тешка група. Во сите други групи има некои послаби репрезентации, а ние како најслаба ја имаме Аргентина, која минатото светско покажа дека знае да игра ракомет. Одиме чекор по чекор, мораме да ги анализираме и се надевам дека селекторот ќе не подготви за да се покажеме најдобро. Свесни сме и сфативме дека дојде време за нас и нема веќе оправдување дека сме млади и неискусни. Мораме да преземеме на терен и во квалификациите покажавме дека можеме. Тоа треба да биде почеток и се надевам дека ќе продолжиме со континуитетот и ќе направиме добар резултат на СП. Нормално дека ни пречи на нас од Вардар што немавме силни мечеви. Одлично е што ќе имаме силни подготвителни мечеви со силни репрезентации како Црна Гора и Хрватска за да можеме да видиме до каде сме и ќе биде одлично за нас што немавме квалитетни натпревари во овој дел од сезоната“, изјави Талески. 

Репрезентацијата подготовките ќе ги почне без голманот Никола Митревски кој ќе се приклучи на 23. декември, како и Филип Кузмановски кој поради обврски во Бундеслигата со неговито Хановер ќе дојде на 28. декември.

Се вчитува...