Филип Талески со Рајн Некар Левен се подготвува за новата сезона во која поранешниот германски шампион ќе настојува да го надополни се она што го испушти лани во Бундес лигата и во Лигата на шампионите. По година и пол помината во редовите на Рајн Некар Левен, за 22-годинишниот македонскиот репрезентативец германскиот систем на работа е веќе добро познат.
„Напорно е како и секогаш на почетокот на подготовките. Но, мора да се помине овој прв дел на физичките подготовки на кои во Германија се посветува посебно внимание. Работиме, се воигруваме и го чекаме почетокот на сезоната. Нема однапред зацртани таргети, најважно е да бидеме максималчно подготвени. Рајн Некар Левен е тим во кој амбициите секогаш се највисоко ниво, така ќе биде и во претстојната сезона“ – вели Филип Талески.
Од Рајн Некар Левен од стариот состав ќе ги нема Херик Пекелер, Рафаел Баена, Кристијан Близнак, Ким Егдал ду Риц и Момир Рниќ, а нови имиња меѓу „лавовите“ се Јеспер Нилсен, Штефан Фет, Јаник Колбахер, Владан Липовина и доскорешниот вардарец, Илија Абутовиќ. Тоа, во најава треба да донесе и извесни промени во играта на тимот под водство на Николај Јакобсен.
„Ќе видиме како ќе биде кога ќе почне сезоната. Сега се уште се воигруваме. Новите играчи одлично се вклопија во овој систем. Се дружиме, постојано сме заедно. Јас сум веќе една и пол година во клубот и помагам таму каде што има потреба. Атмосферата е одлична“ – вели Талески за своите нови колеги.
Рајн Некар Левен е еден од противниците на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите и во Скопје ќе гостува на почетокот на октомври во дуелот од 4.коло.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА