Филип Талески ќе биде главното засилување за Вардар за наредната натпреварувачка сезона откако левиот бек постигна договор за камбек во таборот на „црвено-црните“. Талески до пред две години настапуваше за Вардар, воедно беше и лидер на тимот пред да се реши за нова авантура во странство, потпишувајќи договор со Бенфика.
Тој немаше преголема минутажа во португалскиот тим иако сосема солидно ги користеше шансите што ги добиваше, па јасно беше дека Талески по истекот на актуелниот договор нема да добие продолжување на соработката. Сериозен интерес за неговите услуги уште пред неколку месеци покажуваше Охрид, „бомбардерот“ имаше на маса и понуди од странство, но на крајот сепак се реши да се врати назад во Вардар.
„Црвено-црните“ ги очекува битка за титулата до крајот на сезонава, а доколку Вардар успее да остане на првото место, Талески ќе има можност да заигра за овој клуб и во Лигата на Шампионите.
Едно е сигурно, со Талески во составот „вардарци“ уште повеќе добиваат на квалитет, а клубовите од домашната Супер-лига успеваат да вратат уште еден врвен македонски играч назад во татковината, што секако е за поздравување.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

