Машката ракометна репрезентација на Македонија утре стартува со новиот циклус квалификации за пласман на ЕП 2020. Од денеска ракометарите се стационирани во Битола каде утре го играат првиот натпревар против Турција, а потоа в недела во Кожани и гостуваат на Грција.
Рејтингот, искуството и квалитетот ја става Македонија во улога на фаворит во овие два дуели. Но, фаворитската улога на хартија треба да се потврди и со фаворитска игра на терен и да се завери со две победи, свесни се во македонскиот табор.
„Почнуваме уште еден квалификациски циклус во кој нашата главна цел е да го задржиме континуитетот на големите натпреварувања. Имаме убава група со голема шанса да ја поминеме. Стартуваме со Турција и со Грција, фаворити сме, но тоа не смее да не залаже, мора и на терен да одиграме фаворитски и да го потврдиме тоа со победи“ – вели Филип Талески.
За 22-годишниот лев бек на Рајн Некар Левен, исклучително важно е да се одигра максимално на утрешниот прв меч против Турција. Сигурна игра и победа во Битола ќе донесе уште поголема самодоверба за тоа што не очекува в недела во Грција каде треба да се заокружи успешниот старт во овој квалификациски циклус.
„Со овие две селекции не сме играле многу меѓусебни натпревари, но во составот имаме ракометари кои добро ги познаваат нивните играчи и нивната игра. Не смееме никако да ги потцениме, треба да влеземе максимално мотивирани, да забележиме убава победа против Турција и потоа уште една против Грција на натпреварот што ќе биде малку посебен поради актуелните случувања. На утрешниот меч со Турција мора да дадеме максимум за поголема мотивација и самодоверба за тоа што не чека в недела против Грција. Подготвени сме, сакаме да ги почнеме квалификациите со две победи“ – истакнува Талески.
Како предводник на новата генерација која полека веќе си го зазема своето место во националниот состав, Филип Талески, нагласува дека младите играчи мора да преземат поголема одговорност. Фаворитската улога во овие две средби, за селекторот Раул Гонзалес остава простор да ги поштеди поискусните и да им даде и многу поголема шанса на младите играчи во составот.
„Па, и не сме веќе толку млади, треба да преземеме поголема одговорност и полека, полека, треба да ги замениме тие играчи што се при крај на кариера. Треба максимално да ги искористиме овие натпревари, да учиме од нивното искуство, да дадеме свој придонес и да почнеме полека да ги преземаме нивните улоги“ – вели Талески.
Покрај Македонија, Турција и Грција, во оваа група од квалификациите за ЕП 2020 е и селекцијата на Исланд. Пласман на ЕП 2020 кое домаќини ќе бидат Шведска, Австрија и Норвешка, обезбедуваат првите две селекции од секоја од осумте квалификациски групи и четирите најдобри третопласирани репрезентации во овие квалификации. На завршниот турнир на ЕП 2020 за прв пат ќе учествуваат 24 репрезентации.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА