Филип Талески со Рајн Некар Левен го освои германскиот Супер Куп. Во натпреварот за првата титула во новата сезона, во Дизелдорф,„лавовите“ слеаве против актуелниот бундеслигашки шампион Фленсбург со 33-26. За Рајн Некар Левен ова е трет по ред настап во Супер купот, во претходните два како шампион, а годинава како освојувач на Купот на Германија.
Избраниците на тренерот Николај Јакобсен беа во предност во поголем дел од натпреварот. Првото полувреме го завршија со водство од 18-16, а потоа на стартот од второто полувреме со три гола во серија дојдоа на +5 (21-16). Фленсбург се обидуваше да го сопре ритамот на противникот, но максиум што успеа беше да намали на два гола разлика (22-24). Рајн Некар Левен ја задржа ефикасноста и контролата на играта и го освои победничкиот пехар.
До првата титула во новата сезона, Рајн Некар Левен вообичаено, го предводеше капитенот Анди Шмид кој беше и најефикаден играч на натпреварот со 10 гола. Еден гол помалку постигна ветеранот Гудјон Валур Сигурдсон кој со двата последни гола во финишот го завери триумфот на „лавовите“.Филип Талески остана без погодок на овој прв меч за титула.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА