Талески со Рајн Некар Левен ја освои титулата во Купот на Германија

Македонскиот репрезентативец, Филип Талески прослави уште една титула со екипата на Рајн Некар Левен. „Лавовите“ од Манхајм го освоија победничкиот пехар во Купот на Германија со победа во финалето против Хановер со 30-26 и имаат извонредна шанса сезоната да ја завршат со двојна круна.

Рајн Некар Левен речиси во текот на целиот натпревар беше во предност и имаше контрола на играта и на резултатот. Само во првите десетина минути, Хановер држеше чекор до последното изедначување на 4-4. Но, потоа избраниците на Николај Јакобсен направија серија од 7-0, се одлепија и до крај ја задржаа позитивата.

На полувремето Рајн Некар Левен имаше предност од 13-11. Истиот ритам „лавовите“ го задржаа и во второто полувреме. Рајн Некар Левен имаше целосна контрола на теренот и предност од 28-23 на пет минути пред крај. Со сигурен финиш, тимот од Манхајм ја прослави првата титула годинава и првата титула во Купот на Германија во клупската историја. До крајот на сезоната им останува и одбрана на титулата во Бундес-лигата.

Најефикасен во триумфот на Рајн Некар Левен беше капитенот Енди Шмид со осум гола,Патрик Грецки постигна шест, а по пет погодоци додадоа Александар Петерсон и Менсах Ларсен. Филип Талески не се запиша во листата на стрелците но успешно го заврши својот дел во одбраната.

Се вчитува...