Со пристигнувањето на бундеслигашите Филип Миркуловски и Филип Талески, се комплетира составот на машката ракометна репрезентација на Македонија во подготовките пред бараж за СП 2019 против Романија, на 10 и на 13 јуни. Од денеска подготовките во Скопје продолчжуваат во полн интензитет.
„Го одработевме вчерашниот трениг, денеска почнуваме поинтензивно со работа за тоа што не очекува во овие два меча со Романија. Ќе биде тешко, затоа што и кај нив се воведува тој шпански систем на работа. Сите го знаеме Чави Пасквал, има постигнато многу со Барселона. Знаеме за каков тренер се работи. Но и ние го имаме Раул Гонзалес кој со Вардар направи буквално од ништо нешто. И мислам дека на овие два натпревари ќе има игра на нерви“ – истакнува Филип Талески.
Македонија првиот меч на 10 јуни го игра на домашен терен во Скопје, а реваншот три дена подоцна во Клуж. Иако како што вели „со топката никогаш не се знае“, македонскиот репрезентативец кој се кали во составот на Рајн Некар Левен, истакнува дека за македонската репрезентација ќе биде посебно важно како ќе ги одигра првите 60 минути пред својата публика.
„Секој позитивен резултат што ќе се оствари тука ќе ни биде добредојден за реваншот што не очекува во Романија. Не може однапред ништо да се каже, тоа е топка. Може тука да се реши, може и таму да биде резултатот решавачки. Нам ни останува да ги слушаме советите од нашиот селектор, да се подготвиме максимално за првиот меч кој за нас е најбитен и да одиграме максимално пред нашата публика. Верувам дека ќе биде полна сала и за нас осми играч. Знаеме да играме пред публика и како знае да не носи таа атмосфера на домашен терен. Да одиграме максимално како што треба во прите 60 минути овде, па после да мислиме на реваншот“- истакнува Филип Талески.
Романија веќе подолго време ја нема на голема сцена, и со ангажманот на Чави Паскавл на клупата настојуваат да се вратат на големите натпреварувања. Македонија пак го има континуитетот во настапите на европските и на светските превенства и како што истакнува Талески, целта на репрезентацијата тоа да се задржи и во иднина.
„Би требало кај нас да биде притисокот бидејќи ние имаме добар континуитет во настапите на големите натпреварувања и треба тоа да го задржиме. Треба да ја оправдаме фаворитската улога во овој дуел и довербата што ја имаме од македонската јавност. Треба да го одработиме како што треба овој бараж и да славиме на крај пласман на уште едно СП. Чави Пасквал го знае системот на Раул како играше со Вардар и како го применува тоа во репрезентација. Но, се надевам дека и нашиот селектор ќе подготви добра тактика за да не бидеме изненадени со ништо и овој бараж да заврши како што посакуваме“ – вели македонскиот репрезентативец.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА