Талески: Треба да уживаме, којзнае дали пак ќе имаме шанса да играме пред 55.000 навивачи на стадион…

Филип Талески веќе се приклучи на подготовките на националниот тим, а левиот бек на Бенфика и на овој европски шампионат ќе ја има улогата на лидер на македонската репрезентација.

Тој не го крие задоволството од атмосферата што владее во ракометниот национален тим на подготовките во Стара Пазова, верувајќи дека тоа ќе даде резултат на ЕП во Германија на почетокот од следниот месец.

„Како прво, пред се сум премногу среќен што повторно со репрезентацијата ќе бидеме дел од едно големо натпреварување. Сите знаеме дека Германија го сака спортот, вложува во ракометот и за нас ќе биде одлична можност како репрезентација да се докажеме на големата сцена. Среќен сум што сме овде сите заедно со сите момци, искрено да ви кажам, среќни сме и сплотени на овие подготовки. Мислам дека со оваа атмосфера што ја имаме тука, со новитетите што селекторот ги подготви за нас, имаме големи шанси да се подготвиме во најдобро можно светло“, вели Талески.

Ситуацијата не е нималку лесна, ако се знае дека за ривали во групата ги имаме Франција, Германија и Швајцарија.

„Имаме една најтешка група што можеше да ја добиеме на ова Европско првенство, меѓутоа за нас тоа е еден предизвик. На ова ЕП ќе се испишува првенство со историја, пред се по бројот на навивачи, ќе имаме можност да отвориме со меч на фудбалски стадион против една Франција, која секогаш напаѓа медал на големите натпреварувања. За нас ќе биде само мотив плус да се натпреваруваме и да се докажуваме против најдобрите. Мислам дека не треба да имаме преголем притисок, туку да уживаме играјќи пред 55.000 фанови на фудбалски стадион, можеби никогаш повеќе во животот нема да добиеме таква шанса. Треба да одиграме најдобро што знаеме, пред се за нас, а исто така и за навивачите кои ќе дојдат да ни дадат поддршка од Македонија“, истакнува екс-ракометарот на Металург и Вардар.

По дуелот со Французите во Дизелдорф, националниот тим ќе се пресели во Берлин, каде го очекуваат пресметки со Германија и со Швајцарија. Талески е реален, нашите ракометари најголеми шанси за триумф на ова ЕП ќе имаат токму на последниот дуел со Швајцарците закажан за 16 јануари.

„Потоа во второто коло од групата ќе се сретнеме со домаќинот Германија, но тоа не треба да не плаши, во минатото покажавме дека можеме да играме со една Германија. И тие исто така имаат смена на генерации, имаат и млади играчи како и ние, што е шанса да докажеме дека сме квалитетни. Најголеми шанси за триумф имаме против Швајцарија, тоа е ривал со кого имаме бројни натпревари во квалификациите во минатото и верувам дека имаме квалитет за да славиме, по подолго време да стигнеме и до една победа на големите натпреварувања“, оптимист е Филип Талески.

Се вчитува...