Ракометната репрезентација на Македонија со домашниот натпревар против Луксембург в среда ги отвора квалификациите за Европското првенство кое во 2024 ќе се игра во Германија. Репрезентацијата вчера го имаше првиот собир, а од денеска тимот е комплетен со доаѓањето на Никола Митревски и Костадин Петров.
Репрезентативниот бек и еден од лидерите на оваа нова генерација, Филип Талески вели дека време е младите да ја преземат репрезентацијата и верува во оваа група на ракометари дека може да го продолжи континуитетот на настапи на големите натпреварувања.
„Нов циклус, но идејата и целите се исти. Без разлика на тоа кој е во составот и на списокот, мислам дека заслужуваме да бидеме на големи натпреварувања. Имаме група каде што може да го оствариме тоа што ни е зацртано, а тоа е да бидеме повторно на Европско првенство. Има многу измени во составот, ги нема повеќе Стоилов и Миркуловски кои беа предводници и мотиватори, но сега дојде време кога младината треба да преземе сe. Мислам дека во последните месеци покажавме дека може да го носиме тој товар на нашиот грб. Можам да кажам дека ракометарите на Алкалоид, каде што Лазаров е тренер, играат еден динамичен ракомет и мислам дека сите играчи сме подготвени физички за предизвиците. Ќе треба да се договори тактиката и мислам дека ќе може да играме квалитетен ракомет. Во денешниот ракомет нема фаворити, сите играат ракомет и може да се случат изненадувања. Треба да бидеме фокусирани и да ги одработиме нашите задачи, па тоа ќе ни помогне. Сакаме да одиме на две победи во овој циклус за потоа да бидеме подготвени за дуелот против Португалија“, изјави Талески.
Натпреварот против Луксембург кој ќе се игра во СЦ „Борис Трајковски“ во Скопје е закажан за в среда од 19 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

