Талески: Знам дека треба да дадам поголем придонес за оваа репрезентација

Македонската ракометна репрезентација утрово го одработе последниот тренинг за 2018 година, дополнително засилена со Филип Талески кој последен се приклучи на подготовките за СП 2019. Бекот на Рајн-Некар Левен не доби шанса на последното бундеслигашко дерби против Кил, вчера пристигна во Скопје, по што од денеска почна со тренинзи со остатокот од репрезентацијата.

„Се приклучувам на овој последен тренинг поради клупските обврски. Работев максимално, се подготвував за ова Светско првенство бидејќи знам дека пред нас е еден тежок шампионат. Пред себе имаме тешка група, а згора на тоа и променет е системот на натпреварување, па во следната фаза одат само првите три селекции. Ќе треба да бидеме максимално фокусирани на целиот Мундијал почнувајќи од првиот дуел со Јапонија, репрезентација што се наоѓа во подем и се подготвува за ОИ во Токио. Мораме максимално да влеземе во шампионатот, ни остануваат уште десетина дена да се подготвиме за премиерниот натпревар, а потоа да размислуваме чекор по чекор“ – истакнува Талески.

Смената на генерации и неиграњњето на Миркуловски и на Прибак придонесува на овој Мундијал уште повеќе да се очекува токму од Талески, како млад играч кој веќе зад себе има неколку настапи на големите натпреварувања во репрезентативниот дрес.

„На последните две првенства требаше тоа да се случи, јас да ја разберам таа нова лидерска улога и да одговорам на предизвикот. Можам слободно да кажам дека го сфатив тоа, ете веќе е и редно време да преземеме ние помладите голем дел од одговорноста, особено јас како играч кој ете има поголема минутажа од останатите. Не треба да залажува повеќе тој епитет на млад играч, напротив треба да преземам работи во свои раце и да дадам поголем придонес за оваа репрезентација“ – вели Филип Талески.

Се вчитува...