Душан Танасковиќ одигра уште еден одличен натпревар во дресот на МЗТ Скопје откако младиот центар постигна 18 поени во полуфиналниот триумф над Работнички.
„Металците“ на почетокот имаа проблеми во одбраната на рекетот, но штом успеаја да го затворат Рикиќ им создадоа многу проблеми на „центарци“ и на крајот заслужено се радуваа на победата.
„Голема победа за нас, сакавме со добар меч да славиме и да се одмаздиме за поразот во првенството и го сторивме токму тоа. Во првото полувреме беше израмнето, мислам дека клучно беше што на почетокот од вториот дел се одлепивме и потоа го контролиравме резултатот до самиот крај. Во финишот одлучуваа ситници, но ние бевме поумешни и посмирени, знаевме да реализираме и заслужено триумфиравме“, изјави Танасковиќ.
Ривал на МЗТ ќе биде подобриот од мечот Пелистер – Еуро Никел, а за центарот на „металците“ воопшто не е важно против кога ќе игра во утрешното големо финале.
„Искрено, не е важно со кого ќе играме. Сеедно дали тоа ќе е Пелистер или Еуро Никел, наша желба е да го одбраниме купот, тоа е една од зацртаните цели пред стартот на сезоната и верувам дека ако одиграме максимално како што знаеме, ќе успееме во нашата намера“, оптимист е Душан Танасковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА