Тренерот на Македонија ЃП, Александар Таневски очекувано не е задоволен од поразот (1-3) на „лавовите“ од Алашкерт во Ереван, но вели дека има и втори 90 минути во кои нештата може да се променат во полза на „лавовите“.
„Сакам да му честитам на Алашкерт на победата и да искажам благодарност за гостопримството. Што се однесува до мечот сигурно не може да бидам среќен од резултатот. Во секој случај добро е што постигнавме гол на гостински терен кон ни дава надеж за реваншот. Мислам дека поразот е резултатот на неискуството на европска сцена. Ова е само прво полувреме од целокупната пресметка па на реваншот ќе се обидеме да дојдеме до победа за пласман во следното коло“ – истакна Таневски по дуелот во Ереван, притоа дополнувајќи:
„Играта на Алашкерт не беше изненадување за мене, но може да кажам дека нашите грешки беа изненадување. Ако не правевме толку грешки сигурно и резултатот ќе беше поинаков. Ние 10 години не сме играле во Европа, многу наши играчи првпат играат еден ваков меч и сигурно тоа пресуди за конечниот резултат“.
Реваншот меѓу Македонија ЃП и Алашкерт се игра на 18. јули на теренот на тренинг центарот „Петар Милошевски“ на ФФМ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА