Новиот прволигаш Беса утре гостува на АП Брера во Струмица во 5. коло од Првата македонска фудбалска лига.
Фудбалерите од Добридол посакуваат со бодови да го завршат гостувањето во Струмица, иако се свесни дека ќе имаат повеќе од тешка задача.
„Нашиот следен противник, тимот на Брера, е прилично квалитетен тим кој има добри играчи, особено брзи и вешти напаѓачи. Мислам дека нивната моментална позиција на таблата не го покажува нивниот вистински квалитет. Во последните три натпревари примиле 8 гола и ова е можеби нивната најтемна страна. По паузата имаат две нови одбранбени засилувања и нов тренер. Затоа, не може да се каже дека идните натпревари ќе бидат како оние во првите четири недели“ – вели шефот на стручниот штаб на Беса, Александар Таневски, кој во минатото беше и тренер токму на Брера.
Сега, Таневски, вели дека неговите момци се подготвени да одат на победа.
„Атмосферата во нашиот тим е на високо ниво. Во следните 15 дена не очекуваат 5 натпревари. Моите момчиња се свесни дека можеме да постигнеме уште повеќе од порано. Секоја чест за сите наши противници, но ќе одиме по победа на секој натпревар“ – истакнува Таневски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА