Тањга: „Пикси е опкружен со полтрони, фудбалерите се жртва на неговата ароганција“

Фудбалскиот сојуз на Србија пред новиот старт на Лигата на нации се одлучи, на барање на селекторот Драган Стојковиќ – Пикси, да им врачи отказ на генералниот секретар, Јован Шурбатовиќ и директорот на секторот за спорт во сојузот, Мирослав Тањга.

По заминувањето од ФСС, поранешниот фудбалер на Црвена Звезда, Фенербахче, Херта и Мајнц се одлучи преку соопштение жестоко да го нападне селекторот Драган Стојковиќ-Пикси.

„Резултатот постигнат на Европското првенство во Германија беше ужасен за нас, тоа е непобитна вистина. Тој неуспех не може да се брани со уцени, туку со преземање лична одговорност, без разлика на висината на договорите на селекторите. Суетата, недоличноста и недоволната самокритика на преплатените ‘стручњаци’ доведоа до тоа нашата најдобра селекција за кратко време да се преполови. Играчите беа и останаа жртви на неспособноста и ароганцијата на Пикси. Тој најмалку се занимаваше со тактики, а насекаде гледаше заговор. Ги избегнуваше сите што не размислуваат како него, а се опкружуваше со луѓе кои го нарекуваат ‘мистер’ и кои го хранат неговото преголемо его. И секогаш беа виновни другите, сите освен тој“ – вели меѓу другото Тањга.

Србија на стартот од групата А во Лигата на нации утре ја пречекува Шпанија во Белград, а во недела (8. септември) ќе и гостува на Данска.

Се вчитува...